Македонија во Европска унија

Мисија

Почитувани сограѓанки и сограѓани,

Европската Унија и приближувањето на Република Македонија кон неа се теми кои секојдневно ја оптоваруваат јавноста, таканаречените „обични граѓани“ и наметнуваат дилеми за пратичното значење и важноста на ЕУ за сегашноста и иднината на Македонија.

Бидејќи во медиумскиот простор има голем број на информации кои се пласирани од различни страни, граѓаните се почесто се доведени во заблуда по многу прашања поврзани со процесот на пристапување кон ЕУ. Од таквата ситуација се добива впечаток дека од страна на Владата, но и други политички фактори постои тенденција да се мистифицираат, манипулираат и прикриваат вистинските факти и дилеми поврзани со ЕУ интеграцијата на Македонија со цел тој процес да стане мачен, долг па дури и неиздржлив.

Ние водејќи се од идејата дека е неопходно да се демистифицираат прашањата поврзани со ЕУ, начините на нејзино функционирање, проблемите и можностите што ги носи таа со себе одлучивме да отвориме простор за изнесување на фактите и развивање на релевантни дискусии кои ќе помогнат процесот на придружување кон ЕУ меѓу граѓаните да добие практично, вистинско и пријатно лице. Притоа сме убедени дека само со кажување и анализирање на вистината е возможно да се обезбеди вистинска, здрава и слободоумна дебата која ќе ни покаже зошто е важно нашата земја да влезе во тој клуб на држави и зошто е битно нашето општество суштински да се европеизира.

Овој блог ќе опфати содржини од повеќе области и ќе има за цел пред се’ на помладата популација да и ги појасни прашањата и дилемите околу ЕУ преку коментирање и анализирање на конкретни актуелни настани кои им се блиски и им значат на младите луѓе.

Преку обраќањата од блогот сакаме да отвориме дискусија и да дојдеме до информации и заклучоци за образованието, животниот стандард, вработувањето, политиката, економијата, вмрежувањето во државите од ЕУ и кај нас. На тој начин ќе сфатиме што треба да направиме за да живееме европски и ќе сфатиме колку всушност граѓаните на Македонија сакаат и можат да бидат дел од ЕУ.

Сите што ја делаат таа визија се добредојдени да пишуваат на блогот, а оние кои не ја делат се уште подобредојдени, се разбира, со аргументи и факти да дискутираат во одбрана на нивните ставови. Секако, за да овозможиме сериозна дебата која ќе ги цени сите личности и ставови поставивме неколку основни правила кои воведуваат минимални ограничувања на говорот на омразата и навредувањето на неистомислениците. На овој начин никако не сакаме да воведеме цензура туку да овозможиме почитување на некои базични демократски принципи и норми во блогосферата.

ЕУ за Република Македонија – СЕГА