Македонија во Европска унија

Archive for the ‘Европска унија’ Category

Седум години откако станаа членки на ЕУ, Бугарија и Романија се уште имаат проблеми со ставање на корумпираните политичари зад решетки, рече Европската комисија во средата (22 јануари) .

“Она што сме го виделе во текот на последниве седум години е чекор напред во однос на организацијата, законите се ставени на свое место. Но сепак премногу често сме сведоци на недостатокот на изведување на луѓето пред лицето на правдата, трансформирање на истрагите во успешни обвиненија и потоа луѓето кои извршиле злосторства да бидат сместени зад решетки”  – изјави портпаролот на ЕУ комисија, Марк Греј на пресот во Брисел.

За разлика од Хрватска, која влезе минатата година, и на претходните 10 земји кои станаа членки на ЕУ во 2004 година, Бугарија и Романија се уште се предмет на специјален мониторинг од страна на комисијата на ЕУ во однос на судските реформи и борбата против корупцијата. Во случајот со Бугарија, мониторинг исто така го опфаќа и организираниот криминал.

“Од последниот извештај во јули 2012 година Бугарија презеде неколку чекори нанапред. Како и да е, сепак севкупниот напредок не е се уште доволен и поради тоа останува кревка “, рече Греј.

Тој истакна дека во 18те месеци кои се опфатени со сегашната верзија на извештајот, имало три последователни влади во Софија и дека ни ова “не помогнало” во консолидирање на реформите.

“Бегството од правдата на осудените лидери за организиран криминал и сукцесијата на откритија заради политичко влијание за судскиот систем влијаат врз довербата на јавноста ” додаде Греј.

Целиот текст може да го прочитате на следниов линк.

Таа беше на листата на санкции од страна на ОН и бомбардирана од страна на НАТО во 1990-тите за време на Балканските војни, но Србија во вторникот (21 јануари) официјално ги започна преговорите за членство во ЕУ на церемонија во Брисел.

Целиот процес ќе трае повеќе години но српскиот премиер Ивица Дачиќ го опиша настанот како “најважниот момент за Србија од крајот на Втората светска војна. Тој изјави дека сега неговата држава ја гледаат како она што сака да биде- земја членка на ЕУ- наместо луѓето да се фокусираат на конфликитте од минатото.

“Овој кабинет ја презеде функцијата пред 18 месеци и никој не го очекуваше ова од нас. Ние вe изнeнадивме, бидејќи очекувањата беа многу ниски, ” истакна тој.

Тој додаде дека никогаш не слушнал “толку убави зборови за Србија” уште од времето на комунистичкиот лидер на Југославија Јосип Тито, кој беше популарен на Запад со неговата либерална политика во споредба со остатокот на Советскиот Блок.

Тој вети дека и понатаму ќе работи на тоа да ги нормализира односите на Србија со Косово  – клучната пречка во неодамнешните односи ЕУ-Србија, но го избегна прашањето дали неговата влада некогаш ќе ја признае независноста на својата поранешна покраина.

Дачиќ истакна дека и самите земји-членки на ЕУ имаат “различни ставови” за статусот на Косово.

“Никој во Брисел не побара од нас да се промени нашата позиција. Нашата цел е нормализирање на односите со Приштина, нас ни е потребнo тоа “,  додаде тој.

Целиот текст може да го прочитате на следниов линк.

EUObserver

Шведскиот министер за надворешни работи Карл Билд беше првиот кој проговори во јавност за евентуалните санкции во Украина, особено по последните насилни настани. Во понеделникот, одејќи кон салата во која требаше да се одржи состанокот на ЕУ – министрите во однос на потенцијалното воведување санкции за Украина, пред новинарите само кратко изјави: ’’Не треба да ги исклучиме… Ќе видиме што ќе се случи ’’.

Додека траеа разговорите, тој на својот Твитер профил напиша: “Европската Унија мора да започне да наоѓа ефективни инструменти за справување со актерите кои од позадина делуваат во украинската политика”.

По завршувањето на разговорите неговата официјална изјава за медиумите беше: “Сметам дека ЕУ мора да изнајде разни инструменти насочени против парите од коруптивни зделки”. Но еден висок извор од ЕУ забележа дека: “ се водела дискусија за санкциите, некои земји ја покренале темата дека првпат ова прашање е вклучено во ЕУ разговорите откако Украина почна со насилство кон луѓето кои беа на протестите’’.

Исто така во понеделникот ЕУ министрите апелираа до Украина да ги укине новите закони кои го криминализираат опозициското движење, но сепак тие се согласуваат дека би биле среќни ако потпишат Free – trade agreement со Виктор Јанукович, премиерот на Украина.

Во меѓувреме САД го ставија името на украинскиот министер за внатрешни работи Виталиј Захаренко и други 20 функционери на нивната драфт – листа за санкционирање.

Повеќе информации на следниов линк

Во првиот дел од мојата колумна, отворив оган против кампањата „Не во Европска Унија за Македонија“ со објаснување на стереотипите: „Сите лоши закони ќе ни дојдат одкако ќе влеземе во ЕУ“, „Додека ние да влеземе, Европскта Унија ќе се распадне!“, „Хомосексуалните бракови се политика и творба на ЕУ“ и „Доколку влеземе во ЕУ и  ние ќе треба да ги плаќаме долговите на некои други земји членки“           

 

            Во второто продолжение ќе се посветам  на стереотипот „Сите сакаат надвор од ЕУ, а ние упорно бараме да влеземе “ и „ЕУ од нас бара да го смениме името и со тоа нашиот македонски идентитет ќе изумре“

„Сите сакаат надвор од ЕУ, а ние упорно бараме да влеземе“

 

Не знам дали многумина знаат, но не постои земја во Европа (освен дел Балканот), која на некој начин или со дел од своите политики не е дел од Европската Унија. Така Норвешка, Исланд и Лихтенштајн се дел од европскиот пазар преку „Европската економска област“, без да бидат дел од Европската Унија. Швајцарија скоро го има постигнато истиот ефект со многубројни билатерални договори со ЕУ, дури и учествува, односно дава пари во кохезионите фондови (фондови за неразвиените земји дел од ЕУ). Така тие мораат да ги применуваат сите закони (регулативи, директиви и одлуки) кои се однесуваат на пазарот на ЕУ без да имаат право на учество во истите политики.

Во однос на Англија, точно е дека сегашниот премиер  г-дин Камерун изјави дека во 2014 ќе има референдум со кој Обединетото Кралство ќе одлучи дали сака да остане дел од Европското семејство. Ова се должи на големиот придонес кој Велика Британија како земја со поголем БДП треба да го дава во буџетот на ЕУ. Мислам дека целта на Обединетото Кралство е не да се отцепи целосно од ЕУ, туку да не учествува во буџетот на ЕУ. Исто така да не заборавиме дека истата година Шкотска гласа на референдум за независност на Шкотска и веднаш потоа сака да сe приклучи на Европската Унија. Ова ќе зададе силен удар на кралството. Што навистина ќе одлучат Британците останува да видиме. Сепак последниот збор ќе го имаат тие (граѓаните), не нивните влади.

 

Во секој случај споредувањето  на Македонија со било која од овие држави е апсурдно, бидејќи овие земји кои ја испитуваат својата форма на припадност во унијата се земји кои одамна го положиле својот испит по демократија, економски се развиени и се поврзани силно со економијата и пазарот на ЕУ.

 

Тотално е извртен фактот дека сите сакаат надвор од унијата, но само ние тврдоглаво сакаме да влеземе внатре. Број еден приоритет на Србија, Абанија, Црна Гора, Босна и така натаму, е што поскоро да влезат во унијата. Да ги добијат пристапните фондови со кои ќе ја унапредат земјата, ќе ја намалат невработеноста и да обезбедат поквалитетен живот за своите граѓани. Огромна небулоза е во денешно време, земја во развој како нашата, која во 20 години изградила само 150 километри автопат, да не сака да влезе во ЕУ.

Зарем фактот што најголемите „патриоти“ на Балканов, Србите, постигаа договор за нивниот најгорчлив проблем Косово, не говори за силната желба и разум на нивните политичари дека единствената иднина на земјата е во ЕУ?

 

 

 

 

„ЕУ од нас бара да го смениме името и со тоа нашиот македонски идентитет ќе изумре“

 

Бидејќи сметам дека прашањето за името е високо политичка и многу чувствителна тема, за која немаме доволно информации што се нуди и што се одбива, нема да навлегувам во суштината на проблемот, туку ќе потенцирам неколку факти кои директно се поврзани со ЕУ.

Факт е дека Европската комисија ја употребува во своите извештаи придавката македонски. Можеби затоа сум толкав приврзаник на ЕУ бидејќи навистина е единствена творба која од една страна ги штити и негува нациите и нивните поединости, а од друга страна овозможува и големо единство во одредени моменти. Токму тоа е и мотото на ЕУ „обединети во разликите“. Европската Унија вложува огромни средства во негување на идентитетите со голем број на програми и средства. И се разбира да не заборавиме дека ако влеземе во ЕУ македонскиот јазик ќе биде еден од официјалните јазици на ЕУ.

Со влезот во ЕУ Македонија ќе добие 28 развиени членки-сојузнички, пристап до огромни фондови за развој на Македонија, повисока заштита на човекови права, целосен пристап кон пазарот на ЕУ, заштита на потрошувачи, фондови за развивање на културата и јазикот на Македонците, македонските граѓани ќе можат да работат и живеат каде сакаат во Европа, на пасошот освен нашата земја ќе пишува и ЕУ и светот ќе знае конечно каде точно се наоѓа Македонија и многу други придобивки.

Лисабонскиот договор дава можност на секоја членка да излезе надвор од Европската Унија, па ете така и Македонија може да проба да влезе па ако не ни се допаѓа или ако имаме алтернатива за десетици години од сега, да излеземе од ЕУ.

Факт е дека ние сме премногу мала економија и за разлика од Турција не можеме ни на сон да се надеваме дека можеме сами да оствариме економски раст и просперитет. Во тренд на глобализација, за десетина години Македонија ќе биде целосно опколена со земји од ЕУ, и нашата изолација ќе ни донесе целосен пропаст. Не влегувањето во ЕУ или пролонгирањето на истото, ќе ги натера нашите власти да бараат финансиски алтернативи и сојузници во не демократски и корумпирани региони, територијално  далеку од нас, а тоа значи целосна изолација на земјата од западниот свет и зачекорување по погрешна патека, на која прикриено газиме и во моментов.

 Автор: Диана Близнаковска

Со текот на времето Европската Унија ја зголемува својата агенда во однос на политиките за образование и обука. Тоа е евидентно кон крајот на дваесеттиот век, преку воведување на меѓувладини договори и особено со Лисабонската агенда. Под чадорот на Европа 2020, ЕУ уште повеќе ја истакнува стратегиската улогата која образованието ја има во создавање на општество базирано на знаење.

Авторите Киара Агостини и Дејвид Натали, во својот бриф „Европското управување со образованието: Напредок и предизвици“ дискутираат за амбициите на ЕУ за координирано управување од една и ограниченото влијание на ЕУ врз националните политики во областа на образованието од друга страна.

Во брифот опфатени  се три главни аспекти : структурата на управување во ЕУ во областа на образование, содржината на нејзината политика и нејзиното влијание врз националните постигања.

Авторите ги резимираат алатките на ЕУ во оваа област, а даваат и свој став во однос на подобрувањето на координацијата на Европа 2020. Брифот ги третира и најновите трендови во политиките за образование и обука во однос на јавната потрошувачка и постигнатите резултати   во однос на целите на ЕУ.

Во заклучоците се упатува на потребата од поконзистентно социо-економско управување за предизвикување на поголем напредок на системите за образование, а во однос на потребите на пазарите на труд на национално ниво.

Авторите упатуваат на недоследност помеѓу краткорочната фискална консолидација и долгорочните социјални инвестиции како извори на противречност, која стана особено посериозна после  „големата рецесија“. Препораките се следни, доколку ЕУ сака да направи напредок во оваа област, потребно е да се спроведе мноштво на стимулации за фаворизирање на долгорочни инвестиции , преку ревизија на правилата, како и користење на структурните фондови на ЕУ во насока да им се помогне на државите да инвестираат во областа на образование.

Брифот  „Европското управување со образованието: Напредок и предизвици“ на авторите Киара Агостини и Дејвид Натали, публикуван е од страна на ETUI (European Trade Union Institute) од Брисел во 2013 год.

Целиот текст може да го прочитате на следниов линк.

Не можам да се воздржам и да не реагирам на многубројните стереотипи кои се создаваат во јавниот медиумски простор во Македонија во однос на Европската унија генерално, и уште побитно во однос на зачленувањето на Македонија во ЕУ. Кампањата за „Не во Европска унија“ која долго време се спроведува низ нашите медиуми изнесе стотина лаги, спинови и стереотипи во кои верува голем дел од Македонците.

Еве дел од моите омилени стереотипи:

 

„Сите лоши закони ќе ни дојдат откако ќе влеземе во ЕУ. Словенија и Бугарија, пропатија и се каат поради нивниот влез!“

 

Македонија веќе ги имплементиравме сите дисциплински и ригорозни закони на ЕУ. И најобичен тезгаџија на пазар не смее да продава без фискална каса, мораме да купиме и токен за да пријавуваме електронски даноци и мораме да плаќаме данок на приход и многу други. И кај нас во моментов не смее да се пече ракија и да се прави ајвар пред зграда. Ние имаме понелиберален закон за купување алкохол и пушење во затворен простор, од пола земји во ЕУ. Проблемот е во селективноста на политиките кои власта одбира да ги имплемнтира и начинот на кој се имплементираат. Во Македонија селективно се имплементираат само законите на ЕУ со кои државата преку такси и казни може да собира пари и да ни го празни нашиот фамилијарен буџет. А сеуште се кочат сите оние закони кои на нас граѓаните ќе ни помогнат да ни се поевтини животот и со тоа да ни се зголеми стандардот.

 

Ќе дадам еден единствен пример. Една од регулативите на ЕУ е либерализацијата на пазарот со струја. Македонија сеуште не е подготвена да го либерализира пазарот на струја, бидејќи така ни одговара. Со либерализацијата ќе се намали контролата и заработувачката на земјата од увозот што го правиме. Втората фаза од овој процес кој требаше да се случи на 1ви јули би значел дека големите компании би плаќале некаде околу 20 % поевтина струја, а во третата фаза односно по целосната либерализација на пазарот сите потрошувачи на струја би плаќале поевтино.

 

Селективната политика на владата да носи закони со Европски предзнак кои се товар на граѓаните, преку казни, ограничувања и давачки со основна цел, полнење на буџетот на Македонија е најголем виновник за ова широко распространето мислење.

 

Производителите во Македонија и денеска ако претендираат да извезуваат во Европската унија мора да почитуваат минимум правила и стандарди за да го прават тоа. Европскиот пазар е основан на едно многу едноставно правило, а тоа е правилото на „меѓусебно признавање“ што значи законски произведен производ во Белгија мора да биде признаен и во Германија како таков. За да може ова да функционира постојат минимум стандарди и правила за унифицирање низ цела Европа. Тоа значи дека нашата држава треба само да ги воведе овие минимум правила (значителен дел од нив веќе воспоставени) и веќе македонските компании се квалификувани во случај на влез во ЕУ да тргуваат во ЕУ.

Во однос на ракијата и ајварот и другите македонски производи за домашна употреба може секој да си прави и понатаму за лична употреба исто како што си готви ручек дома, но кога тоа сака да го прави за профит ќе мора да се почитуваат одредени правила.

 

„Додека ние да влеземе, Европската унија ќе се распадне!“

Тоа што во моментот ЕУ се наоѓа во должничка криза не значи дека се распаѓа. Унијата во текот на своето постоење неколкупати имала економски потешкотии со кои вешто се справила, и дополнително зајакнала. ЕУ има многубројни инструменти со кои се справува со должничката криза и ова не е ни најмал знак дека се движи кон распаѓање, туку само дека се соочува со одредени предизвиците кои ги признава на глас, ги дискутира и воведува политики, механизми и инструменти за борба со истите. Знак за тоа е спорото, но сигурно закрепнување на грчката економија, влезот на Латвија во еврозоната од 2014 како и  приемот на уште една нова членка, Хрватска.

Европската Унија е интеграција на 28 земји која трае  60тина години. Оваа интеграција е длабоко навлезена во сите сфери од општествата на земјите членки, и навистина и треба многу повеќе од должничка криза за истата да се распадне. И да не заборавиме на основната цел на ЕУ да ги надмине вековните конфликти кои постоеле во Европа и да ги обедини расцепканите економии и нации. Ова најубаво и наједноставно може да се согледа преку визијата на Британскиот премиер Черчил „Ние мора да изградиме нешто како Соедините Европски Држави“. Иако во моментот со проблеми, сепак  ЕУ е на сигурен пат кон визијата на Черчил.

 

„Хомосексуалните бракови се политика и творба на ЕУ“

 

Иако сакам да живеам во земја која ги штити правата на сите маргинални групи, кои со своето постоење на ги загрозуваат, делуваат и сметаат на останатите, сакам на оние уплашените јасно да им кажам дека на Македонија нема да и биде наложено од ЕУ да донесе закон со кој ги признава  хомосексуалните бракови откако ќе влезе во унијата.

Семејниот живот е надвор од компетенциите на ЕУ. Регулирањето на семејството е политика која самостојно си ја определуваат и спроведуваат земјите членки, па така дали една земја ќе ги дозволи или не хомосексуалните бракови е нејзина одлука. Она што можам да го кажам е дека ЕУ од 2009 година со Лисабонскиот договор има и утврдена „Повелба за фундаментални права“ во која во членот посветен на брак и основање на семејство вели дека овие права ќе бидат гарантирани во согласност со националните законодавства. Така на пример Франција ги признава овие бракови, а пак  традиционално католичката Ирска не ги признава.

 

„Германците ги плаќа долговите на Грците, па утре и ние ќе треба да плаќаме за некој друг“

 

Должничката криза во Грција се надминува со големи реформи кои носат намалување на работни места во државната администрација, зголемување на даноци, но и со многу “помош“ од Европската Унија која паѓа директно на товар на Европските државјани. Всушност помошта за која се пишува низ медиумиве се заеми кои грчкиот народ треба да ги врати. За излез од кризата е формиран „Европски механизам за стабилност“ ( European Stability Mechanism) од страна на 16 од 17 земји од Еврозоната (во тоа време Латвија сеуште не беше дел од зоната а Словенија доброволно одлучи да не учествува). Овој механизам треба да и помогне на Грција да ја стабилизира економијата со заеми и добро одмерен план кој ќе и овозможи враќање на овие заеми. Ова покажува дека Германските или било кои други Европски државјани не ги плаќаат долговите на Грција или на било која друга земја во криза, туку  одредени ЕУ земји преку „Европски механизам за стабилност“ со профитабилни заеми помага онаму кај што треба да се делува во рамките на Европската унија.

 Автор: Диана Близнаковска 

Унија на иновации

Автор: Александар

Унија на иновации (Innovation Union[1]) е една од директните мерки за спротивставување на Европа со финансиската криза. Тоа е начин на создавање работни места и раст, преку истражување и иновации. Поимот иновации, во овој случај не се состои само на создавање на нови производи. Тој има едно пошироко значење и се однесува и на создавање на нови процеси, услуги, начини на маркетинг, како и социјални иновации кои имаат потенцијал да додадат нова вредност на пазарите, во владите и општеството.

За да можат да се случуваат и развиваат иновации, потребно е поттикнување на иновациски – пријателска средина. Во таа насока е и улогата на Унијата на иновации. Инвестирањето во паметни начини на поттикнување на иновациите, како и одржувањето на солидна база на знаење имаат централна улога во 10-годишната стратегија на Европската Унија, Европа 2020[2]. Унија на иновации е една од седумте иницијативи на оваа стратегија. Нејзината цел е да изгради цврста основа за истражување и иновации во Европската Унија, на начин што истите ќе создаваат нови вредности за општествата и економиите.

Создавањето на нова иновациски – пријателска средина, се однесува на партнерства на различни нивоа, помеѓу приватниот и јавниот сектор, меѓу истражувачите, индустријата , корисниците на иновации, како и нови иновациски партнерства на ниво на Европа. На тој начин се создаваат претпоставки, Европската Унија поинтензивно да креира сопствен иноваторски потенцијал во сите области[3]. Секако постојат и потешкотии, како на пример разлики во правилата, законите, применетите стандарди и т.н. Нивното усогласување треба да доведе до создавање на вистински внатрешен пазар за вештини, заеднички регулативите, нов капитал, кои овозможуваат новите идеите и иновативните решенија побрзо да доспеат  до пазарот.

Хоризонт 2020[4], новата рамка на Европа на програмата за финансирање на истражувањето и иновациите за периодот 2014-2020 наменета е за поддршка на врвната наука, како и финансирање на истражување и активности кои создаваат нови производи на пазарот. Оваа програма е основниот двигател за поддршка при спроведувањето на целите на Унијата на иновации. Истата создава претпоставки за слободен и отворен пристап до резултатите од истражувања кои се финансирани од јавни фондови.

Предвидувањата се дека доколку до 2020 година се достигне целта на вложување на 3% од БДП за истражување и развој на ниво на Европската Унија, тоа би можело да создаде 3,7 милиони работни места и да го зголеми БДП на ниво на ЕУ годишно и до 795 милијарди евра до 2025 година.

За да се овозможи Унијата на иновации да обезбеди работни места и раст кои што и се потребни на Европа, ЕУ воведува табела за мерливост на резултатите во однос на Унијата на иновации (Innovation Union Scoreboard[5]), каде се рангира секоја земја според своите иновациски перформанси

0A11AEB2-BA3B-48B9-9D9A-A82335A6BE83_mw1024_n_s

 

’’Во прашање е кредибилитетот на Европската комисија и на ЕУ во целина и бидејќи ја дала еднаш таа оценка, ја одржува затоа што и дава шанса на Македонија, поради спорот со името, но и поради проблемите во регионот и историјата на регионот и дава шанса да не ја врати назад, туку да ја одржи на статус квото, меѓутоа ако вие стоите во место, а сите други во регионот напредуваат, тоа значи дека вие сте назад’’ – вели Бојан Маричиќ извршен директор на МЦЕО во интервјуто за Радио Слободна Европа.

Во однос на воспоставувањето на последниот инструмент на Европската Комисија – пристапниот дијалог на високо ниво, Маричиќ го смета за умртвен инструмент, бидејќи не донел никакви резултати. Како дополнителни потешкотии за употреба овој инструмент се надоврзуваат две круцијални точки – проблеми, застојот во подобрувањето на добрососедските односи и исфрлувањето на пратениците од Собранието на 24 декември 2012. Првенствено, тој ја лоцира вината во формалните чекори од страна на владините институции кои ниту донеле суштинска промена, ниту биле преземени во насока на суштинска промена. Како пример тој го издвојува проблемот со слобода на медиумите и неколкуте организирани состаноци меѓу Владата и ЗНМ.

Според него, избегнувањето на суштинските промени, би можело да доведе до зголемен евроскептицизам и намалување на довербата во европските интеграции.

Целосното интервју на следниов линк

radio-slobodna-evropa

 

Шефот на Европската централна банка Марио Драги реагираше скептично на планот кој настана како предлог – компромис под притисок на Германија. Имено тој вели дека таквиот вид на одлуки мора да бидат инстант одлуки, односно не може да се дискутира со денови дали некоја банка е ликвидна или не.  Шефот на Европската централна банка Марио Драги реагираше скептично на планот кој настана како предлог – компромис под притисок на Германија.

Според новите правила треба да се има ’’единствен систем, еден авторитет и еден фонд’’ – рече Драги, додавајќи дека ’’е загрижен дека одлуката за спроведување процедури може да стане премногу комплексна.’’ Понатаму, обраќајќи им се на пратениците за понатамошното функционирање на Европската Централна Банка, тој загрижено истакна дека ’’секој знае дека ваквиот тип на одлуки мора да бидат инстантни, односно не смееме да дозволиме стотици луѓе да дискутираат дали некоја банка е ликвидна или не’’.

По тој повод, ЕУ министрите за финансии ќе се состанат неделава во Брисел за да донесат договор за механизам за заедничко решавање на несолвентните и неликвидните банки.

Се очекува од Владите на земјите – членки да биде побарано да донесат национална резолуција за банкарски фондови за период од 10 и повеќе години кој би ги покрил трошоците од евентуални bank – failures, чии што потенцијални трошоци се проценуваат во вредност околу 60 билиони евра, но и понатаму останува нејасно што би се случило доколку доколку сепак некоја банка банкротира, а тоа не може да се реши и надомести со тој национален фонд.
На таа проблематика, што со банките кои ќе се соочат со неликвидност, а трошоците за ’’враќање во живот’’ се прескапи за националниот фонд на таа земја се однесува и последниот компромис подготвен од литванското претседателство со кој ќе се донесе нов меѓу – владин договор кој ќе решава дали земјите треба да имаат пристап до фондовите на другите земји во тој период од 10 години.
Исто така ќе се донесе единствен борд на национални и ЕУ функционери кои ќе бидат одговорни да одлучат дали за некоја банка треба да се донесе резолуција.

Прочитајте повеќе на следниов линк

EUObserver

Протестите во врска со интегрирањето на Украина во ЕУ деновиве земаат сѐ поголем замав, особено поради фактот што нивниот премиер Виктор Јанукович одби да го потпише пактот со ЕУ под притисок на Русија. Интеграцијата на Украина во ЕУ претставува речиси идеален пример на судир на европскиот soft power принцип и советскиот hard – power принцип, односно судир на две различни перспективи и култури.

Во 2005 кога Рибачук, специјалниот пратеник на Украина во ЕУ пристигна, изјави: ’’Посакувам само една работа, а тоа е јавна потврда дека Украина еден ден ќе се интегрира во ЕУ.’’ Тоа се случи само неколку месеци по Портокаловата револуција.

По неколку состаноци со пратеници од ЕП и останати функционери каде беше запознаен со комплексноста на процесот на донесување одлуки во ЕУ, тој си замина од Брисел лут и нервозен.

Во следните години лидерите на Портокаловата револуција се свртија еден против друг, додека пак автократскиот лидер Виктор Јанукович, ги предложуваше и изгласуваше про – ЕУ законите, но во реалноста тој само ја уназадуваше Украина: апсеше некои од лидерите на опозицијата, не спроведуваше фер и демократски парламентарни избори, за окупирање на целокупниот медиумски простор како и за збогатување на неговата фамилија.

Од друга страна пак, ветувањето од ЕУ за интеграција на Украина, никогаш не пристигна.

Во меѓувреме Русија повлече неколку потези со кои ја отежнуваше интеграцијата на Украина.

Како причинител за оваа ситуација е фијаското на украинската политичка елита која според некои ЕУ дипломати никогаш и немала намера да направи чекор во насок на интегрирање на Украина во ЕУ. Проблемот лежи во генералната наклонетост кон Русија особено во источниот дел на Украина. Така, фактички станува збор за судир на два света, со исто национално чувсство но со различна визија за иднината на Украина.На следниов линк дознајте повеќе за протестите, судирот на културите во пространата Украина, нејзината историја во однос на ЕУ – интеграциите како и нејзината иднина.

На следниов линк дознајте повеќе за протестите, судирот на културите во пространата Украина, нејзината историја во однос на ЕУ – интеграциите како и нејзината иднина.

EUObserver