student_march_fosm_flickr_cc_license

На 10 декември 2014 година, десетици илјади студенти и средношколци, граѓани и симпатизери излегоа на улиците во повеќе градови во Македонија и јасно го изразија своето “НЕ” за владиниот план за воведување на екстерно тестирање односно државни испити за студентите од сите нивоa на факултетско образование. Според реалните проценки, над 10.000 демонстранти учествувале во маршот во Скопје, што всушност претставува најголема непартиска, граѓанска и меѓуетничка мобилизација во македонската современа историја.

Еден ден пред настанотминистерот за образование, Абдулаќим Адеми, јанајави „решеноста на Владата за воведување механизам за контрола наквалитетот на образованието“, и покрај тоа што во изминатите неколку седмици се зголемија несогласувањата со предлозите од странана студентското движење, граѓанското општество ипартискатаопозицијата.

Слоганите и транспарентите на демонстрантите кои беа испишани и извикувани и на македонски и на албански јазик гласеа: “Универзитетот е гласот на слободата!”, “Нема правда, нема мир!”, “Автономија!”. Некои од транспарентите експлицитно се подбиваа со провладините медиуми имплицитно критикувајќи го недостигот на слобода на медиумите во земјата.

Кој кажа дека студентите се во право? Тито или Груевски?

Оваа демонтрација произлезе од помалиот студентски протест што се одржа на 17 ноември. Настаните што следеа се од суштинско значење за да се разбере потенцијалот кој го носи ова новороденото општествеnо движење за да стане агент на пошироки општествени промени.

Наспроти очекувањата, овој протест ги фати владата и нејзините моќни популистички медиумски труби со спуштен гард. И владата и медиумите беа неподготвени да одговорат со контра-протести и медиумски напади на демонстрантите – тактики кои општествено конзервативната и политички нелибералната ВМРО-ДПМНЕ редовно ги користи за замолчување дури и на многу помали облици на спротивставување. Првично, протестот беше едноставно игнориран дури и од страна на провладините медиуми чиишто седишта се наоѓаат на самата рута на која се одвиваше маршот. Премиерот Груевски се огласи со коментар за барањата на студентитедури на 20 ноември, и тоа откако се се случи интензивна кампања на социјалните медиуми која го исмеа игнорирањето од страна на властите.

Присвојувајќи го јазикот кој вообичаено го користат неговите противници од граѓанското општество, г-дин Груевски ги убедуваше студентите дека конечна одлука нема да биде донесена пред да се оддржат поширока јавна дебата и консултации, уверувајќи ги студентите дека имаат право да протестираат и да го изразат своето мислење. Исто така, тој им даде ветување дека новиот закон нема да се применува за студентите кои се запишани на универзитетите во овој момент, туку само на идните генерации. Спротивно на тоа, неговите медиумски поддржувачи се потпреа на добро воспоставените пропагандни техники. Во своите коментари и извештаи, објавија фотографии од протестот на кои со црвени кругчиња ги обележуваа лицата на демонстрантите што, според нив, наводно припаѓаат на опозициските партии и вообичаените жртвени јарци, соросоидите – групите од граѓанското општество кои вообичаено се поврзуваат со озлогласената Фондација отворено општество Македонија.Нивната цел беше сосема јасна – да се дискредитираат протести алудирајќи на нивната политизирана природа и негирањето на нивната автентичност.

Во наредните денови, постепено се создадоа услови за појава на пообемно движење. Подложувајќи ја пропагандата на потсмев и иронични коментари, бројни студенти и поддржувачи ги променија своите профил слики на Фејсбук самоозначувајќи се со озлогласените црвени прстени. “Мислам, значи сум заокружен” стана слоганот околу кој се кондезираше симболичниот протест. Т.н. Студентски пленум – неформалното јадро на демонстрантите со прилично различни, но, главно, радикално левичарски светогледи – многу внимателно ги артикулираше своите политички барања, повикувајќи на пошироката општествена солидарност. Студентскиот Пленум го искористи непристојното ветување на г-дин Никола Груевски дека спорното тестирањеќе се применува само за идните генерации студенти, и ги покани средношколците да се борат за своите права.

Настаните кои се случуваа потоа станаа дел од историјата. И покрај пропагандата, притисоците и обидите на власта да ја растури солидарноста на незадоволните групи, бројот на поединци кои учествуваа во втората мобилизација се зголеми барем за трипати во однос на првиот инаку успешен протест.

Зашто нешто што е толку нормално е трауматично за власта?

Во зрелите демократии протестите се толкуваат како легитимен израз на незадоволство. Сепак, во Македонија тие се портретирани како нешто трауматично и достојно за секаква осуда. Македонија која некогаш беше замислена како оаза на мирот и олицетворение на европските вредности на Балканот од страна на локалните властодржци и нивните меѓународни патрони, во изминатите неколку години доживува парадоксален пресврт во насока на илиберализам. Стеснувањето на просторот за слобода на изразување, политизирано судство и институциите за кои е најасно дали припаѓаат на државата или владејачката партија, ја претворија Македонија во полуавторитарен односно режим од т.н. сиви зони. Во Македонија избори се одржуваат често и се организираат ефикасно, но не постојат фер услови за политички натпревар. На тој начин изборите служат само како демонстрација на непобедливоста на владејачката политичка партија.

На симболичко ниво, актуелната елита ги отсликува политиката и политичкото како да се работа исклучиво на политички партии. Во јавниот дискурс, придавките „политички“ и „партиски“ се користат како синоними. Секој граѓански ангажман е директно поврзан со противничките политички партии или етикетиран како поттикнат од нив.

Во минатото, бројни протести беа заглавени во оваа реторичка стапица, што беше видливо во нивните залудни обиди да ја докажат нивната “неполитичка” природа.

Анкетното истражување спроведено во 2014 година од страна Македонскиот центар за европско образование ги потврдува овие тенденции и општата атмосфера на страв и заговори кои доминираат во политичкиот живот во Македонија. Според ова истражување, три четвртини од македонските граѓани сметаат дека “спонтаните протести, не постојат, туку се поттикнати и организирани од центрите на моќ “. Само 20% од граѓаните се сомневаат дека “тајните служби ги прислушуваат комуникациите на луѓето кои ги сметаат за противници”, додека 63,6% од испитаниците веруваат дека тие го навистина го прават. Повеќе од половина од испитаниците (57,7%) сметаат дека „власта во Македонија има начини да дознае како граѓани гласале”. Конечно, 53% од испитаниците се изјасниле дека “граѓани не го кажуваат слободно своето мислење.”

 

Перспективи на студентското движење

Бројките погоре го прават новороденото движење уште поважно. Во нелибералниот, полуавторитарен режим на периферијата на Европа кој произведува атмосфера на страв и заговор за да обесхрабри граѓански ангажман во политиката, протестите не се нешто вообичаено затоа што ги доведуваат под прашање основните претпоставки на начинот на кој политиката функционира.

Затоа се чини дека водачите на движењето се соочуваат со стратегиска дилема.

Прво, дали сакаат да предводат една поширока граѓанска мобилизација против политичкиот естаблишмент во земјата? Ако е тоа така, тогаш каков вид на барања ќе артикулираат? Дали државниот испит е единствениот проблем со кој студентите во Македонија се соочуваат и на кој начин оправданите студентски незадоволства се поврзани со пошироките проблеми во општеството? Многу незадоволни, но досега пасивни граѓани се наклонети кон барањата на студентското движење и очекувања значително се зголемија. Дали студентите да ги претставуваат другите општествени сектори? Меѓуетничката и доминантно левичарска природа на движењето претставува голема предност, доколку студентите се одлучат за оваа стратегија.

Како алтернатива, водачите на движењето треба да размислат за советите на “добронамерните” поборници на политичката девственост. Овие гласови тврдат дека студентското движење неизбежно ќе остане без причина за постоење, доколку почетните барања бидат остварени од страна на власта. Во спротивно, според приврзаниците на оваа логика, студентското движење неизбежно ќе биде “политизирано” или “загадено” со отуѓената агенда на другите политички актери. Доколку го карикатуризираме овој начин на размислување – ако некој протестира против државниот испит, тогаш неговата борба за социјална правда престанува. Внимателно формулираниот наратив на студентското движење кој ја истакнува својата политичка и натпартиска природа (а не неполитичка, како што правеа некои водачи на протести во минатото) покажува дека времето на политичка незрелост на македонските протестни движења е одамна поминато. Како заклучок, студентското движење ќе биде неизбежно подвоено помеѓу партикуларноста на своите почетни барања и потребата преку истите тие барања да биде изразено пошироко општествено незадоволство. Не е извесно како ќе заврши овој динамичен процес.

Она што е сигурно е дека премиерот Груевски, по долго време, се најде себеси ситуација во која сигурно ќе загуби. Доколку одлучи да остане непопустлив и да ги одбие легитимните барања на студентското движење, тој ќе се соочи со уште поголема мобилизација што – со оглед на нејзиниот меѓуетнички карактер – нема да може да ја спречи со алатките за одвлекување на вниманието од вообичаениот политички репертоар како што е поттикнувањето на меѓуетнички инциденти. Доколку, пак, Груевски се реши да го повлече предложениот закон, тој ризикува да го доведе под прашање моќниот мит за неговата бескомпромисност и непобедливост. Во тој случај можат да се разбудат „заспаните“ општествени барања и фрустрации и сето тоа може да ја проблематизира пошироката симболична рамка врз која неговиот режим се темели.

Во секој случај, граѓанското општество и демократијата во Република Македонија ќе извојуваат една мала, но парадигматски победа.

Автор: Љупчо Петковски

Текстот е објавен, на англиски јазик, и на Балканскиот блог на Центарот за југоисточно европски студии при Универзитетот во Грац, Австрија.

Линк: http://www.suedosteuropa.uni-graz.at/biepag/node/131