world_economic_forum154

Македонија во Извештајот за глобална конкурентност за 2014/2015 година

Во почетокот на септевмри 2014 година Светскиот економски форум го објави својот годишен Извештај за глобална конкурентност за 2014/2015 година, според кој Македонија скокнала за 10 места во однос на претходната година, и тоа на 63 место според конкурентноста на економијата. Во регионот, овој ранг ја прави Македонија поконкурентна од Словенија, но и неколку места зад Романија.

Провладините медиуими побрзаа да ја пренесат веста прогласувајќи победа на владините политики и тврдејќи, со бомбастични наслови на прилозите, дека Македонија станала најконкурентна економија во регионот. [1]

Македонскиот центар за европско образование во своите анализи веќе повеќе години го користи овој извештај како релевантна литература. Со оглед на тоа што оглед на тоа што освен економски параметри во извештајот се оценуваат и областите на политиките поврзани со доброто владеење, кое е дел од политичките критериуми за членство во Унијата, овој извештај е несомнено извор за оценување на на напредокот на Македонија во судството, администрацијата, и другите области поврзани со демократијата и доброто владеење.

Самиот извештај, во кој конкурентноста на економиите се мери преку 100 различни индикатори, е поделен на три целини: „Основни услови“, „Зголемувачи на ефикасноста“ и „Фактори поврзани со иновациите и софистицираноста на Економијата“. Секоја од овие целини односно делови е потоа поделена на таканаречени „столбови“, кои ги има вкупно 12 на број, и тоа четири во првата целина, осум во втората и два во третата. Потоа, секој столб е поделен на одреден број индикатори, чиј збир ја дава вкупната оценка. Во табелата 1 е прикажана структурата на извештајот со рангирањата на Македонија за 2014 година според целините и поединечните столбови.

tabela 1

Во однос на вкупните оценки на целините Македонија најдобро стои во поглед на „основните услови“ (64 место), има нешто послаб резултат во однос на „Зголемувачите на ефикасноста“ (69 место), и е на 76 место во поглед на третата целина, „Факторите поврзани со иновациите“.

Во поглед на рангирањето според поединечните столбови Македонија најдобро стои во столбовите „Ефикасност на пазарот на стоки“ (38 место), „Развиеност на финансискиот пазар “ (41 место) и „Институции“ (45 место), додека најслабо стои во столбовите „Инфраструктура“ (82 место) „Деловна софистицираност“ (89 место) како и „Големина на пазарот“ (108 место). Оваа година, во Извештајот се оценувани 144 држави. Во овој документ детални ќе ги анализираме само столбовите „Институции“ и „Инфраструктура“ во кои Македонија има еден меѓу најдобрите односно најлошите резултати.

Во однос на методологијата на собирање податоци за извештајот, две третини од варијаблите се собираат преку Анкетата на јавното мислење на раководителите (Executive Opinion Survey), која се спроведува од страна на партнерските институции во секоја од државите опфатени во Извештајот, додека една третина од податоците се од официјалните статистики. Во Македонија, партнерска организација е Националниот совет за претприемништво и конкурентност.

Столбот „Институции“: реален скок ?

Во столбот „Институции“ Македонија направила најголемо подобрување во последните неколку години, имено од 90 место во 2008 година до 45 место во последниот извештај. Оттука, подобрувањето во овој столб има и големо влиајние на подобрувањето на генералната оценка. Инаку, во столбот се опфатени 21 индикатор, кои се однесуваат на широк спектар области поврзани со доброто владеење, од антикорупција и заштита на интелектуална сопственост до заштита на сопственички права и независност на судството. Во 2014 година Македонија најдобро стоела во индикаторите „заштита на инвеститорите“ (16 место), „терет на владината регулација“ (27 место) како и „транспарентност на креирањето на политиките“ (29 место), а најлошо во индикаторите „ефикасност на правната рамка за оспорување на регулативата“ (92 место), „независност на судството“ (79 место), „ефикасност корпоративните бордови“ (77 место), „организиран криминал“ (65 место). Во табелата 2 се прикажани ранговите на Македонија за целосниот столб „Институции“ и четири одбрани индикатори од 2008 година наваму.

tabela 2

Доколку го погледнеме индикаторот „независност на судството“, каде Македонија доживеала скок од 26 места за две години, од 105 место во 2012 на 79 во 2014 година. Оценката е базирана на прашање од Анкетата на јавното мислење на раководителите, кое гласи: „Во вашата држава, до која мера судството е независно од влијанијата на челеновите на владата, граѓаните и фирмите ?“ При тоа, испитаниците оценувааат на скала од 1 до 7, каде 1 значи дека „е целосно под влијание“, а 7 дека „е целосно независно“.

Ваквиот скок е контрадикторен, ако истиот се споредува со извештаите на Европската комисија за напредокот на Македонија. Имено во извештајот за 2013г. кај политичкиот критериум: „Судски систем“ се наведува дека:

  • Постои загриженост за тоа како судовите функционираат во практика. Ова се однесува на независноста на судството (и целиот систем за спроведување на законите) како и квалитетот на правдата во општа смисла.
  • Во однос на независноста постојат наводи за селективна правда, индиректен политички притисок, пресуди кои необично се решени во смисла на нивниот содржински исход или брзината на постапката како и страв дека содржината на некои пресуди (особено оние од висок профил или политички сензитивни случаи) има директни последици врз кариерата на судиите кои одлучуваат во тие случаи.
  • Фактот дека вакви сомнежи постојат, сам по себе претставува проблем за независноста на судството и јавната доверба во него.

Дополнително во поглавјето 23. Судство и темелни права, во делот на судството се наведува дека: „Потребни се подобрувања во практиката соцел да се обезбеди точна имплементација на европските стандарди во однос на независноста и квалитетот на правдата.“

Просечната оценка во Македонија за 2014 година изнесувала 3,5 , додека просечната оценка на светско ниво изнесувала 3,9. Во 2008 година, пак ,просечната оценка во Македонија изнесувала 2,8, додека на светско ниво оценката била 4,1. Оттука, дел од скокот може да се објасни со зголемената перцепција дека судството е независно, а дел со фактот што на светско ниво перцепцијата за независност на судските системи е намалена.Сепак, методологијата на Извештајот е и ограничена со оглед на тоа што е насочена само кон одреден дел на актерите – деловните луѓе. Затоа, ваквиот тип на мерење е неопходен, но не и доволен за да се добие целосната слика.

Инфраструктура: скок во место ?

Интересни се и податоци за столбот структура, каде што Македонија во 2014 година има полошо рангирање дури и од 2005 година, како што е прикажано во табелата 3. Инаку, столбот опфаќа 9 индикатори за сите видови физичка инфраструктура, од квалитетот на патната до бројот на фиксни телефонски линии. Дел од индикаторите кои се однесуваат на квалитетот на поединечните видови инфраструктура се собираат преку Анкетата на јавното мислење на раководителите, додека останатите се преземеаат од други извори. Одбраните индикаторите кои се прикажани во табелата 3 се од првиот вид (оценки од анкетата).

tabela 3

Така, менаџерите оцениле најдобро го оцениле снабдувањето со електрична енергија (оценка 4,9 од 7 односно 66 место на листата), а најслабо квалитетот на патиштата (оценка 3,4 односно 91 место на листата). Во однос на овој индикатор, македонските бизнисмени полошо ја оценуваат состојбата и од своите албански колеги, кои во 2014 година дале просечна оценка 3,9 (71 место) за квалитетот на патиштата во оваа соседна држава. Македонските бизнисмени подобро ги оцениле останатите аспекти од инфраструктурата од своите албански колеги, но и тие оценки не укажуваат на драстично поголемо задоволство со инфраструктурата.

tabela 4

 

 

[1] http://www.time.mk/c/895a469491/svetski-ekonomski-forum-makedonija-na-63-to-mesto-po-konkurentnost-na-ekonomijata.html