Viktor Orban

Вчера (06.04.2014 година) партијата на Виктор Орбан повторно победи на парламентарните избори во Унгарија и покрај огромните критики за неговото владеење.

Пред неколку месеци Македонскиот центар за европско образование (МЦЕО) изготви информативен документ за тоа какви се механизмите на ЕУ да се бори за заштитата на темелните вредности, кои, според критичарите на Орбан, се под напад во Унгарија.

Документот можете да го погледнете на следниот линк.

Резиме на документот: 

Во изминатите 10 години популистички ветришта ги зафатија Источна и Средна Европа. Демократски избраните конзервативни власти во многу држави, во името на народот, спроведуваат политики што се во спротивност со модерното сфаќање на либералната демократија. Симптоматично, доколку се изземе авантурата на Јерг Хајдер од демократски консолидираната Австрија од почетокот на векот, популистичката мобилизација во поранешните комунистички држави се случи по влезот во Европската унија, за кој се сметаше дека ќе ја симболизира конечната консолидација на демократските режими. И покрај тоа што односот на популистичките автократи кон европските темелни вредности е во најмала рака сомнителен, Унијата досега не нашла задоволителен одговор на загрозувањето на принципите на кои се темели, делумно поради политичките компромиси и партиската солидарност на десничарските партии, а најмногу поради фактот што не постојат добри механизми за казнување на застранувањата од демократските вредности.

Овој информативен документ ги опишува целисходноста и ограничувањата на механизмите со кои ЕУ се бори за заштита на своите вредности, и тоа преку парадигматичниот пример на унгарската Влада која ја раководи Виктор Орбан.