По распадот на Југославија, земјите во регионот се соочуваат со големи политички, општествени и економски промени и превирања. Во периодот на транзиција и формирање на независни национални држави, градење на сопствени идентитети и демократски вредности, овие земји се стремат кон интеграција во Европската Унија. Македонија уште од 2006 година е носител на кандидатскиот статус, како и Србија и Црна Гора, додека Хрватска, оваа, 2013 година, стана земја-членка на ЕУ. По сите овие случувања и промени, со цел да се измерат ставовите, желбите и очекувањата на младите во земјите на поранешна Југославија, Фондацијата „Фридрих Еберт“ иницира спроведување на студија за млади во земјите од регионот. Во Македонија, истражувањето го спроведе Институтот за социолошки и политичко-правни истражувања при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје.

Основната цел на оваа студија е да ги измери, опише и објасни главните ставови, верувања и вредности на македонската млада популација во однос на: општеството, економијата, образованието, вработувањето, политиката, интеграцијата во Европската Унија, религијата, семејството, социјалниот живот и преференците за животниот стил. Студиите за младите отсекогаш биле, и сé уште се предмет на голем интерес, но идејата и иницијативата за ова истражување доаѓа од страна на ФЕС во вистинско време, бидејќи младата македонска популација, како и младата популација ширум светот, припаѓа на генерацијата позната во светот како Милениумска генерација, или Генерација Y (родени во периодот од 1981-1999 година). За младите од оваа генерациска група се верува дека поседуваат многу специфичен и уникатен сет на вредности, карактеристики и преференци, бидејќи овие млади луѓе се сведоци на многу општествени и економски трансформации во нивното неодамнешно минато и се генерација која е израсната во период на иновациско-технолошка кулминација.

Младите од Балканот, или поконкретно, од земјите на поранешна Југославија, се сведоци на повеќе драматични и впечатливи настани: граѓански војни, колапс на федеративната држава и сепарација во помали независни држави, премин од комунизам во капитализам, долг процес на транзиција, приватизација на општествената сопственост, визна забрана и визна либерализација, промена на домашните и странските валути, висока стапка на невработеност и сиромаштија – наспроти инстант-збогатување, мноштво политички и владини промени. Од друга страна, пак, во исто време се одвиваше ерата на иновација на компјутерите, мобилните телефони и Интернетот, што претставуваше своевидна револуција и почеток на нов, модерен начин на живеење, по што се карактеризира 21. век.

Исто така, резултатите можат да послужат за потпомагање и забрзување напроцесот на интеграција во ЕУ, преку идентификување на точките на совпаѓање и разидување помеѓу македонскиот (балканскиот/југоисточниот) и европскиот идентитет на младата популација и очекувањата за иднината.

Целата студија можете да ја погледнете на следниов линк.

500px-Logo_Friedrich_Ebert_Stiftung.svg_isppi-logo