Не можам да се воздржам и да не реагирам на многубројните стереотипи кои се создаваат во јавниот медиумски простор во Македонија во однос на Европската унија генерално, и уште побитно во однос на зачленувањето на Македонија во ЕУ. Кампањата за „Не во Европска унија“ која долго време се спроведува низ нашите медиуми изнесе стотина лаги, спинови и стереотипи во кои верува голем дел од Македонците.

Еве дел од моите омилени стереотипи:

 

„Сите лоши закони ќе ни дојдат откако ќе влеземе во ЕУ. Словенија и Бугарија, пропатија и се каат поради нивниот влез!“

 

Македонија веќе ги имплементиравме сите дисциплински и ригорозни закони на ЕУ. И најобичен тезгаџија на пазар не смее да продава без фискална каса, мораме да купиме и токен за да пријавуваме електронски даноци и мораме да плаќаме данок на приход и многу други. И кај нас во моментов не смее да се пече ракија и да се прави ајвар пред зграда. Ние имаме понелиберален закон за купување алкохол и пушење во затворен простор, од пола земји во ЕУ. Проблемот е во селективноста на политиките кои власта одбира да ги имплемнтира и начинот на кој се имплементираат. Во Македонија селективно се имплементираат само законите на ЕУ со кои државата преку такси и казни може да собира пари и да ни го празни нашиот фамилијарен буџет. А сеуште се кочат сите оние закони кои на нас граѓаните ќе ни помогнат да ни се поевтини животот и со тоа да ни се зголеми стандардот.

 

Ќе дадам еден единствен пример. Една од регулативите на ЕУ е либерализацијата на пазарот со струја. Македонија сеуште не е подготвена да го либерализира пазарот на струја, бидејќи така ни одговара. Со либерализацијата ќе се намали контролата и заработувачката на земјата од увозот што го правиме. Втората фаза од овој процес кој требаше да се случи на 1ви јули би значел дека големите компании би плаќале некаде околу 20 % поевтина струја, а во третата фаза односно по целосната либерализација на пазарот сите потрошувачи на струја би плаќале поевтино.

 

Селективната политика на владата да носи закони со Европски предзнак кои се товар на граѓаните, преку казни, ограничувања и давачки со основна цел, полнење на буџетот на Македонија е најголем виновник за ова широко распространето мислење.

 

Производителите во Македонија и денеска ако претендираат да извезуваат во Европската унија мора да почитуваат минимум правила и стандарди за да го прават тоа. Европскиот пазар е основан на едно многу едноставно правило, а тоа е правилото на „меѓусебно признавање“ што значи законски произведен производ во Белгија мора да биде признаен и во Германија како таков. За да може ова да функционира постојат минимум стандарди и правила за унифицирање низ цела Европа. Тоа значи дека нашата држава треба само да ги воведе овие минимум правила (значителен дел од нив веќе воспоставени) и веќе македонските компании се квалификувани во случај на влез во ЕУ да тргуваат во ЕУ.

Во однос на ракијата и ајварот и другите македонски производи за домашна употреба може секој да си прави и понатаму за лична употреба исто како што си готви ручек дома, но кога тоа сака да го прави за профит ќе мора да се почитуваат одредени правила.

 

„Додека ние да влеземе, Европската унија ќе се распадне!“

Тоа што во моментот ЕУ се наоѓа во должничка криза не значи дека се распаѓа. Унијата во текот на своето постоење неколкупати имала економски потешкотии со кои вешто се справила, и дополнително зајакнала. ЕУ има многубројни инструменти со кои се справува со должничката криза и ова не е ни најмал знак дека се движи кон распаѓање, туку само дека се соочува со одредени предизвиците кои ги признава на глас, ги дискутира и воведува политики, механизми и инструменти за борба со истите. Знак за тоа е спорото, но сигурно закрепнување на грчката економија, влезот на Латвија во еврозоната од 2014 како и  приемот на уште една нова членка, Хрватска.

Европската Унија е интеграција на 28 земји која трае  60тина години. Оваа интеграција е длабоко навлезена во сите сфери од општествата на земјите членки, и навистина и треба многу повеќе од должничка криза за истата да се распадне. И да не заборавиме на основната цел на ЕУ да ги надмине вековните конфликти кои постоеле во Европа и да ги обедини расцепканите економии и нации. Ова најубаво и наједноставно може да се согледа преку визијата на Британскиот премиер Черчил „Ние мора да изградиме нешто како Соедините Европски Држави“. Иако во моментот со проблеми, сепак  ЕУ е на сигурен пат кон визијата на Черчил.

 

„Хомосексуалните бракови се политика и творба на ЕУ“

 

Иако сакам да живеам во земја која ги штити правата на сите маргинални групи, кои со своето постоење на ги загрозуваат, делуваат и сметаат на останатите, сакам на оние уплашените јасно да им кажам дека на Македонија нема да и биде наложено од ЕУ да донесе закон со кој ги признава  хомосексуалните бракови откако ќе влезе во унијата.

Семејниот живот е надвор од компетенциите на ЕУ. Регулирањето на семејството е политика која самостојно си ја определуваат и спроведуваат земјите членки, па така дали една земја ќе ги дозволи или не хомосексуалните бракови е нејзина одлука. Она што можам да го кажам е дека ЕУ од 2009 година со Лисабонскиот договор има и утврдена „Повелба за фундаментални права“ во која во членот посветен на брак и основање на семејство вели дека овие права ќе бидат гарантирани во согласност со националните законодавства. Така на пример Франција ги признава овие бракови, а пак  традиционално католичката Ирска не ги признава.

 

„Германците ги плаќа долговите на Грците, па утре и ние ќе треба да плаќаме за некој друг“

 

Должничката криза во Грција се надминува со големи реформи кои носат намалување на работни места во државната администрација, зголемување на даноци, но и со многу “помош“ од Европската Унија која паѓа директно на товар на Европските државјани. Всушност помошта за која се пишува низ медиумиве се заеми кои грчкиот народ треба да ги врати. За излез од кризата е формиран „Европски механизам за стабилност“ ( European Stability Mechanism) од страна на 16 од 17 земји од Еврозоната (во тоа време Латвија сеуште не беше дел од зоната а Словенија доброволно одлучи да не учествува). Овој механизам треба да и помогне на Грција да ја стабилизира економијата со заеми и добро одмерен план кој ќе и овозможи враќање на овие заеми. Ова покажува дека Германските или било кои други Европски државјани не ги плаќаат долговите на Грција или на било која друга земја во криза, туку  одредени ЕУ земји преку „Европски механизам за стабилност“ со профитабилни заеми помага онаму кај што треба да се делува во рамките на Европската унија.

 Автор: Диана Близнаковска