Во првиот дел од мојата колумна, отворив оган против кампањата „Не во Европска Унија за Македонија“ со објаснување на стереотипите: „Сите лоши закони ќе ни дојдат одкако ќе влеземе во ЕУ“, „Додека ние да влеземе, Европскта Унија ќе се распадне!“, „Хомосексуалните бракови се политика и творба на ЕУ“ и „Доколку влеземе во ЕУ и  ние ќе треба да ги плаќаме долговите на некои други земји членки“           

 

            Во второто продолжение ќе се посветам  на стереотипот „Сите сакаат надвор од ЕУ, а ние упорно бараме да влеземе “ и „ЕУ од нас бара да го смениме името и со тоа нашиот македонски идентитет ќе изумре“

„Сите сакаат надвор од ЕУ, а ние упорно бараме да влеземе“

 

Не знам дали многумина знаат, но не постои земја во Европа (освен дел Балканот), која на некој начин или со дел од своите политики не е дел од Европската Унија. Така Норвешка, Исланд и Лихтенштајн се дел од европскиот пазар преку „Европската економска област“, без да бидат дел од Европската Унија. Швајцарија скоро го има постигнато истиот ефект со многубројни билатерални договори со ЕУ, дури и учествува, односно дава пари во кохезионите фондови (фондови за неразвиените земји дел од ЕУ). Така тие мораат да ги применуваат сите закони (регулативи, директиви и одлуки) кои се однесуваат на пазарот на ЕУ без да имаат право на учество во истите политики.

Во однос на Англија, точно е дека сегашниот премиер  г-дин Камерун изјави дека во 2014 ќе има референдум со кој Обединетото Кралство ќе одлучи дали сака да остане дел од Европското семејство. Ова се должи на големиот придонес кој Велика Британија како земја со поголем БДП треба да го дава во буџетот на ЕУ. Мислам дека целта на Обединетото Кралство е не да се отцепи целосно од ЕУ, туку да не учествува во буџетот на ЕУ. Исто така да не заборавиме дека истата година Шкотска гласа на референдум за независност на Шкотска и веднаш потоа сака да сe приклучи на Европската Унија. Ова ќе зададе силен удар на кралството. Што навистина ќе одлучат Британците останува да видиме. Сепак последниот збор ќе го имаат тие (граѓаните), не нивните влади.

 

Во секој случај споредувањето  на Македонија со било која од овие држави е апсурдно, бидејќи овие земји кои ја испитуваат својата форма на припадност во унијата се земји кои одамна го положиле својот испит по демократија, економски се развиени и се поврзани силно со економијата и пазарот на ЕУ.

 

Тотално е извртен фактот дека сите сакаат надвор од унијата, но само ние тврдоглаво сакаме да влеземе внатре. Број еден приоритет на Србија, Абанија, Црна Гора, Босна и така натаму, е што поскоро да влезат во унијата. Да ги добијат пристапните фондови со кои ќе ја унапредат земјата, ќе ја намалат невработеноста и да обезбедат поквалитетен живот за своите граѓани. Огромна небулоза е во денешно време, земја во развој како нашата, која во 20 години изградила само 150 километри автопат, да не сака да влезе во ЕУ.

Зарем фактот што најголемите „патриоти“ на Балканов, Србите, постигаа договор за нивниот најгорчлив проблем Косово, не говори за силната желба и разум на нивните политичари дека единствената иднина на земјата е во ЕУ?

 

 

 

 

„ЕУ од нас бара да го смениме името и со тоа нашиот македонски идентитет ќе изумре“

 

Бидејќи сметам дека прашањето за името е високо политичка и многу чувствителна тема, за која немаме доволно информации што се нуди и што се одбива, нема да навлегувам во суштината на проблемот, туку ќе потенцирам неколку факти кои директно се поврзани со ЕУ.

Факт е дека Европската комисија ја употребува во своите извештаи придавката македонски. Можеби затоа сум толкав приврзаник на ЕУ бидејќи навистина е единствена творба која од една страна ги штити и негува нациите и нивните поединости, а од друга страна овозможува и големо единство во одредени моменти. Токму тоа е и мотото на ЕУ „обединети во разликите“. Европската Унија вложува огромни средства во негување на идентитетите со голем број на програми и средства. И се разбира да не заборавиме дека ако влеземе во ЕУ македонскиот јазик ќе биде еден од официјалните јазици на ЕУ.

Со влезот во ЕУ Македонија ќе добие 28 развиени членки-сојузнички, пристап до огромни фондови за развој на Македонија, повисока заштита на човекови права, целосен пристап кон пазарот на ЕУ, заштита на потрошувачи, фондови за развивање на културата и јазикот на Македонците, македонските граѓани ќе можат да работат и живеат каде сакаат во Европа, на пасошот освен нашата земја ќе пишува и ЕУ и светот ќе знае конечно каде точно се наоѓа Македонија и многу други придобивки.

Лисабонскиот договор дава можност на секоја членка да излезе надвор од Европската Унија, па ете така и Македонија може да проба да влезе па ако не ни се допаѓа или ако имаме алтернатива за десетици години од сега, да излеземе од ЕУ.

Факт е дека ние сме премногу мала економија и за разлика од Турција не можеме ни на сон да се надеваме дека можеме сами да оствариме економски раст и просперитет. Во тренд на глобализација, за десетина години Македонија ќе биде целосно опколена со земји од ЕУ, и нашата изолација ќе ни донесе целосен пропаст. Не влегувањето во ЕУ или пролонгирањето на истото, ќе ги натера нашите власти да бараат финансиски алтернативи и сојузници во не демократски и корумпирани региони, територијално  далеку од нас, а тоа значи целосна изолација на земјата од западниот свет и зачекорување по погрешна патека, на која прикриено газиме и во моментов.

 Автор: Диана Близнаковска