Со текот на времето Европската Унија ја зголемува својата агенда во однос на политиките за образование и обука. Тоа е евидентно кон крајот на дваесеттиот век, преку воведување на меѓувладини договори и особено со Лисабонската агенда. Под чадорот на Европа 2020, ЕУ уште повеќе ја истакнува стратегиската улогата која образованието ја има во создавање на општество базирано на знаење.

Авторите Киара Агостини и Дејвид Натали, во својот бриф „Европското управување со образованието: Напредок и предизвици“ дискутираат за амбициите на ЕУ за координирано управување од една и ограниченото влијание на ЕУ врз националните политики во областа на образованието од друга страна.

Во брифот опфатени  се три главни аспекти : структурата на управување во ЕУ во областа на образование, содржината на нејзината политика и нејзиното влијание врз националните постигања.

Авторите ги резимираат алатките на ЕУ во оваа област, а даваат и свој став во однос на подобрувањето на координацијата на Европа 2020. Брифот ги третира и најновите трендови во политиките за образование и обука во однос на јавната потрошувачка и постигнатите резултати   во однос на целите на ЕУ.

Во заклучоците се упатува на потребата од поконзистентно социо-економско управување за предизвикување на поголем напредок на системите за образование, а во однос на потребите на пазарите на труд на национално ниво.

Авторите упатуваат на недоследност помеѓу краткорочната фискална консолидација и долгорочните социјални инвестиции како извори на противречност, која стана особено посериозна после  „големата рецесија“. Препораките се следни, доколку ЕУ сака да направи напредок во оваа област, потребно е да се спроведе мноштво на стимулации за фаворизирање на долгорочни инвестиции , преку ревизија на правилата, како и користење на структурните фондови на ЕУ во насока да им се помогне на државите да инвестираат во областа на образование.

Брифот  „Европското управување со образованието: Напредок и предизвици“ на авторите Киара Агостини и Дејвид Натали, публикуван е од страна на ETUI (European Trade Union Institute) од Брисел во 2013 год.

Целиот текст може да го прочитате на следниов линк.