Говорот на Лидија Димова во Европскиот парламент (Committee on Foreign Affairs) – 11.04.2012 година + видео од говорот со превод (title) на македонски

За разоткривање на сите невистини, манипулации и шпекулации. Јавноста има право да ја знае вистината онаква каква што е, а не како што ја претставуваат владините медиумски мегафони. Токму затоа во прилог следува видеото од излагањето на Лидија Димова во Европскиот парламент, со титл на македонски јазик. Дали навистина бара укинување на европските фондови, посебно за ИПА за Република Македонија, дали е “предавник“ како што ја етикетираа провладините медиуми, платеник на Сорос или пак некого вистината за тоа дека не работи ништо премногу го боли и ја нарушува неговата комоција во државничката фотеља….

Вигенин: Веќе беше кажано дека граѓанските организации имаат важна улога, дека нивниот инпут треба да се земе предвид и дека поддршката за нив треба да се зголеми. Токму затоа ние поканивме и претставник од една невладина организација. Тоа е Македонскиот центар за европско образование од Скопје, кој го претставува Лидија Димова, извршен директор на организацијата. Г-ѓа Димова, имате 10 минути за вашата презентација.

Лидија Димова: Благодарам г. Вигенин. Дозволете ми да ја изразам својата благодарност што сум поканета на овој важен состанок во Европскиот парламент. Пред да зборувам за искуството на Македонија, само збор-два за нашата организација. Македонскиот центар за европско образование е тинк-тенк организација, иако во името стои образование, ние сме тинк-тенк и работиме на пристапувањето на Република Македонија во ЕУ, преку професионални обуки, консултации, регионална соработка, развој на јавни политики и лобирање за промени. Веројатно еден од нашите најважни проекти е следењето на процесот на пристапување. Тоа е партнерски проект кој го спроведуваме во соработка со Фондацијата отворено општество – Македонија. Правиме мониторинг, односно подготвуваме квартални извештаи, а последниот квартален извештај се однесува на ИПА, односно како Македонија ги троши и користи, односно колку не ги користи парите од Европската унија. Неодамна објавивме уште една студија којашто можам да ви ја препорачам и се однесува на тоа колку Македонија ги користи Програмите на Заедницата, односно дали овие програми го европеизираат нашето општество или не. Извештаите можете да ги најдете на нашата веб-страница.

Сега ќе зборувам за ИПА, како еден од инструментите ставен на располагање за нашата земја. Размислував за тоа што да презентирам и сфатив дека во агендата вие очекувате да ги слушнете и проблемите, бидејќи токму проблемите ќе доведат до научени лекции за Парламентот и за Комисијата. Ако очекувавте проблеми, јас имам многу такви. За жал, и за разлика од Хрватска, македонската приказна не е успешна.

Од каде да почнам? Се обидов да ги групирам проблемите во четири групи и тоа од аспект каде тие водат. Првата група на проблеми се однесува на недостигот на институционален капацитет. Ќе презентирам одредени бројки за да можете да увидите за што зборувам. Во овој момент, во рамките на првата компонента, речиси половина од средствата од Националната ИПА 2007 беа контрактирани на крајот од 2010 година, што значи дека денес ние се уште имаме проекти од ИПА 2007. Половината договори од Националната ИПА 2008 беа склучени на крајот од 2011 година, што значи дека тие ќе се спроведуваат во 2012 и 2013 година. Имајте на ум дека зборуваме за средства од ИПА 2008. Досега, апсорбирани се само 1,8% од средствата од Националната ИПА 2009, и само 1,5 % од Националната ИПА 2010. Сметам дека нема потреба да извлекувам заклучок, разбирате што сакам да кажам.

Втората група на проблеми се однесува на недостигот на административен капацитет. Во рамките на оваа група на проблеми има четири главни поенти. Првата се однесува на програмирањето наспроти правењето проекти. Многу често, од владините претставници слушате дека причината зошто парите од ИПА не се трошат е фактот дека не добиваат добри проекти од засегнатите страни. Ова ви кажува дека владата не разбира дека засегнатите страни не можат туку така да излезат со проекти, и дека проектите треба да бидат ставени во програмска рамка, односно во стратегиска рамка. Овој факт зборува сам за себе.

Натаму, ако детално ги разгледате работите, ќе видите дека во Македонија, на пример, има голема искористеност на финансискиот инструмент за подготовка на проекти. Во просек овој инструмент во регионот се користи околу 3% од буџетот, но во Македонија тој изнесува од 5 до 15%. Ова и не е толку страшно, но кога ќе видите дека овие средства се користат за изготвување проектни цели и задачи, тогаш приказната е навистина тажна, односно сфаќате дека вашите државни службеници не се доволно стручни да изготват едноставни проектни цели и задачи.

Ако се анализира целата ИПА во државата, се доаѓа до заклучок дека во некои сектори нема испрограмирано ниту едно евро. Таков е случајот со поглавје 19 за вработување. Се разбира, Владата или Комисијата ќе кажат дека ја има целата 4-компонента за вработување, но моето прашање е дали е ова доволно. Дали тоа е доволно за варботувањето да не се опфати со градење институционален капацитет, посебно во држава каде стапката на невработеност е толку висока.

Следното прашање се однесува на менувањето на кадарот во клучни институции. Сметам дека ова се должи на политизацијата на јавната администрација, бидејќи во последните години единствениот начин за влез во јавната администрација е членство во владејачките политички партии. Откако ќе влезете во јавната администрација, ги користите средствата и обуките од ЕУ и почнувате да ги разбирате работите, но одеднаш партијата сфаќа дека вие имате одреден капацитет и ве преместува од институцијата каде сте во некоја друга инстутуција каде најмногу и требате на политичката партија, на пример, ве именува за директор на некое јавно претпријатие. На овој начин институциите се ослабуваат, без притоа да се земе предвид штетата која се прави со ваквиот процес.

Третата група на проблеми јас ја нареков непостоење на микс од инструменти. Пред се, сметам дека владата не дава стратегиски инпут. Владата не сака да разбере дека може да се користат средствата од ИПА компонента 1 за тоа. За ова има и јавна дебата. Владата зборува дека компонента 1 се однесувала само на централната власт, што не е сосема точно. Ако училиштата, синдикатите, ромските организации, општините, земјоделците, малите и средните претпријатија треба да ги користат компонентите 3, 4 и 5, тогаш зошто не им се дозволува да ја корисат компонента 1 да го изградат својот капацитет за потоа да ги повлечат парите од другите компоненти? Ова не се прави.

Натаму, во Македонија ИПА речиси целосно се користи за техничка помош. Ова значи дека ИПА се користи како да е КАРДС. Ако ги споредите правила, таа е иста како КАРДС. Грантовите се користени само во два наврати. Првата грант-шема беше спроведена од ИПА 2008 компонента 1 и беше наменета за граѓанското општество. Морам да истакнам дека ова е еден од најуспешните проекти. Втората грант-шема е управувана од владата и таа е првата грант-шема во рамките на децентрализираното управување и се однесува на компонента 4. Ова е приказна сама за себе. Отворениот повик за предлог-проекти беше објавен во јуни 2010 година и се однесува на интеграцијата на етнички жени на пазарот на труд. Буџетот за оваа грант-шема изнесува 1,6 милиони евра. Договорите за проектите не се склучени. Потребни се речиси две години за да се склучат договори во вредност од 1,6 милиони евра. Прашањето што се поставува е следново: што ќе се случи со другите средства, ако се знае дека на владата и требаат две години за да додели толку мал износ на пари?

Третиот проблем се однесува на неправилното користење на твинингот. Морам да напоменам дека имам чувство дека со цел да не се изгубат парите, понекогаш Комисијата ја спасува владата преку програмирање на проекти кои се неизводливи. Ќе ви дадам пример за да не мислите дека зборувам напамет. Во рамките на компонента 4, испрограмиран е твининг проект за Центарот за образование на возрасни, во вредност од 1,7 милиони евра. Дали знаете колкав е вкупниот годишен буџет на оваа институција? Тој изнесува само 220,000 евра. Во суштина, вие на институцијата и давате осумпати повеќе средства за спроведување твининг проект. Тоа значи катастрофа и не можете да очекувате какви било резултати.

Нема да зборувам за буџетската поддршка бидејќи претставникот од Судот на ревизори веќе зборуваше на таа тема. Знам дека владата се обидува да добие буџетска поддршка и се надевам дека нема да ја добие, бидејќи следната година имаме локални избори и бидејќи познато е дека владата веќе има злоупотребено буџетски средства, па дури и европски средства, но јас нема да навлегувам во детали на таа тема.

Уште една работа сакам да споменам и се однесува на четвртата група на проблеми кои се јавуваат поради недостиг на политичка волја. Овде ќе наведам неколку работи кои се случуваат и кои се нелогични. На пример, освен за прекугранична соработка (компонента 2), сите други оперативни програми не се преведени на македонски јазик, а камоли на албански. Уште поинтересен е фактот дека владата троши огромни средства на преведување книги, но не знам зошто смета дека овие документи не треба да се преведат. Тие и натаму остануваат непреведени.

Претходно се зборуваше за координација на донаторите. И овде имаме интересна ситуација. Македонија дава 13,2 милиони долари за УНДП за спроведување на активни мерки за вработување. Како тоа се вклопува во компонента 4? Ако се знае дека Агенцијата за вработување е столбот на компонента 4, зошто средства се доделуваат на УНДП за да спроведува нешто што треба да го направи Агенцијата за вработување? Јас само ги наведувам прашањата.

Македонија нема Национален развоен план. Знам дека во документот на Комисијата за 2012/2013 се наведува дека Македонија има Национален развоен план, знам дека и ревизијата на оперативната програма за компонента 4 за развој на човечки ресурси наведува дека има таков план, но во реалноста тој не постои. Веќе подолг период Македонија нема Национален развоен план. Тоа е посебна приказна за која нема да зборувам. Само ќе нагласам дека им е многу тешко на државните службеници да почнат со програмирање без ваков документ.

 

На крајот ќе кажам нешто за Главниот ИПА-ревизор. Ова може да звучи чудно. Прво, Главниот ИПА-ревизор е лице кое е опседнато со премиерот. Ако го погледенете неговиот фејсбук профил, ќе видите дека нема фотографии од него, туку сите фотографии се од Премиерот. Ова лице не е ни економист, ниту ревизор по професија, туку правник. Претходно тој беше директор на јавното претпријатие за управување со станбен и деловен простор. Тој е човекот кој ги купуваше владините обврзници и сега е Главен ИПА-ревизор. Ако го прочитате Извештајот за напредокот, ќе видите дека и Комисијата идентификувала проблеми во овој сегмент, но ги изнела проблемите на политички коректен начин,за да даде некаква перспектива.

Уште една работа. Знам дека сите мислите и се чудите зошто ги кажувам овие проблеми и дека не може да се оди против демократски избрана влада. Го разбирам тоа, но ова е Европскиот парламент. Вие ги претставувате граѓаните на Европската унија, а не владите! Затоа морам да нагласам колку им е тешко на македонските граѓани. Македонија е оставена во чекалницата на ЕУ од 2005 година, без какви било преговори. Го имаме проблемот со Грција кој е бесмислен. Имаме висока стапка на невработеност и висока стапка на сиромаштија, и имаме влада која не ја разбира демократијата… Сепак, граѓаните ја поддржуваат интеграцијата во Европската унија. Тоа зборува само за себе. Македонците се Европејци. Благодарам.

Модератор: Мислам дека почесто треба да покануваме преставници на граѓанското општество. Сигурен сум дека презентацијата на г-ѓа Димова е многу важна за членовите на Европскиот парламент, бидејќи често ние дискутираме за големите стратегии и за убавата слика, но на терен постои реалност која треба да ја земеме предвид. Ви благодарам за оваа презентација.