• Името на оваа поранешна југословенска република е пречка за нејзиното интегрирање со 27те држави-членки
  • Грција се противи на интегрирањето поради стравот од можни територијални претензии во иднината

Оскар Гутиерез Гаридо, Скопје, 22 октомври 2011 –

Статуата на Александар Македонски на плоштадот „Македонија“ во Скопје. / Огнен Теофиловски (REUTERS)

Обајцата учествуваа во битките. Велат дека додека тој храбро се спротивставуваше на противниците, коњот удираше каде ќе стигне. Јавачот, според легендите, облечен е како за во битка. Слика која прилега на оние од историските читанки и го прикажува кралот на Македонија од антиката, со меч во раката. Но, се што лета не се јаде, барем не во Скопје. Статуата која се извишува над плоштадот „Македонија“ во главниот град, за сите оние зад границата е „воин на коњ“. Ова е официјалното име и верзија која ја користат властите. Внатре во државата, меѓутоа, никој не се сомнева дека тоа е Александар Велики. Прашање на манири, суптилност која не е туѓа во државава која се обидува да се придружи на Европската унија од своето осамостојување во 1991 година. Обидот го спречи ветото на Грција и тоа не во институционалната мрежа на Брисел, туку во една друга организација НАТО. Причината, единствена и со големи букви: името на државата.

„Јас не би го нарекол тоа криза на идентитетот“, објаснува на една група новинари министерот за надворешни работи, Никола Попоски, туку „предизвик за идентитетот“. Ова е, според овој политичар од 34 години образуван во Франција последицата на она што во неговата Македонија го нарекуваат „проблемот со името“. Односно, одбивањето на Атина да прифати нејзиниот северен сосед да се нарекува, како што утврдува Уставот на државата, Република Македонија и, следствено на тоа, блокадата во Атланската алијанса и во ЕУ поради грчките притисоци. Толку ли е важно името за идентитетот на една држава? „Јасно“, одговара Попоски. „Ако не беше така, тогаш зошто Европската комисија во својот последен извештај не ја користи придавката македонски?“, објаснува министерот. Отсуството на придавката за да се означи нацијата и јазикот на државата, што според членовите на Владата е „понижувачки“ ја испровоцира поплаката до Брисел од претседателот Ѓорге Иванов.

Дури 95,8% од граѓаните Македонци не се согласуваат со промената на името поради членството во ЕУ.

Попоски покажува дека нема да има нови отстапки кон Атина за компромис во решавањето на спорот за името и промена на уставно утврденото име на државата.  Македонија се оддели од поранешна Југославија пред 20 години. Отворањето на проблемот со името ја принудува меѓународната заедница да ја именува државата како Поранешна Југословенска Република Македонија (ПЈРМ), а државата ја примора да пристапи кон промена на државното знаме и промени во Уставот за јасно да потврди дека името, покрај сиот страв на Грција, не претставува никаква територијална претензија кон географскиот регион наречен Македонија кој се наоѓа на грчка територија.

Овој став на Попоски, без сомневање е официјалната позиција на државата. Друго е она што ќе го слушнете од граѓаните на улица. Му го поставив истото прашање на Александар, жител на Скопје: Дали навистина името е толку важно за идентитетот? „Види“ вели овој Македонец, „ако ти сакаш да се придружиш на еден клуб, а тие те принудуваат да направиш некакви отстапки, да се нарекуваш поинаку, што ќе направиш? Александар од татко роден во Грција и мајка во Македонија, признава дека неговите сограѓани ќе мораат да го променат името на државата и со насмевка го предлага името „Македонија-Скопје“. Според, него, името е само почеток на отстапките, ќе следуваат уште многу до конечното пристапување кон 27-те. „Ова со името е само изговор. Луѓето повеќе не се толку про-ЕУ и про-НАТО расположени како некогаш.“

Будење на националистичката реторика

На истиот начин размислуваат и големиот број Македонци. Според едно истражување на независната истражувачка организација Аналитика дури 95,8% од граѓаните кои се етнички Македонци  (64% од популацијата, наспроти 25% етнички Албанци) не се согласуваат со промената на името на државата заради влезот во ЕУ (каде е држава кандидат од 2005 година) и НАТО. Вака високиот процент, според Аналитика се должи на разочарувањето од ветото за прием во НАТО на Самитот во април 2008 година во Букурешт. Со разочарувањето Аналитика го охрабрува и оживувањето на „националистичката реторика“ кај политичката елита и вели дека е „далеку поатрактивна за масите“ отколку реформите кои ЕУ ги бара од државата (со приближно 100 милиони евра на СДИ во државата), а воедно ги збунува и дели по етнички линии граѓаните. Особено видлива е поделбата помеѓу Македонци и Албанци.

„Поларизацијата на населението“, подвлекува министерот Попоски, „е многу поедноставна во една мала држава како Македонија (со два милиони жители)“.  Министерот потврдува дека националистичките чуства се „последица“ на отворената криза со името на државата. „Пред 20 години“, објаснува, „никој немаше да дебатира за името на автопатот, ако предизвикот не беше толку голем“. Оваа дебата има многу учесници, но нема многу разногласие, дури ни во медиумите. „Сите мораат да бидат патриоти за името“, потврдува Газменд Ајдини од Центарот за развој на медиуми (ЦДМ). Дури и новинарите.

Владата со која претседава, претседателот на централно-десничарската ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, е вториот најголем огласувач, веднаш зад Т-Мобиле. Ова, според Ајдини, доведува до состојба во која „практично да не постои независно новинарство и уредништво кај медиумите“. Оспоруваниот извештај од Брисел ја критикува Владата за затворањето на приватната телевизија А1, која беше критички расположена за владеењето на Груевски. За илустрација на односот, во својето интервју за државната агенција МИА, премиерот Груевски го наклевети поранешниот новинар на оваа телевизија, Борјан Јовановски, дека работи за ЕУ и ја оцрнува својата држава. Причина за клеветата е прашањето што Јовановски му го постави на еврокомесарот за проширување, Штефан Филе, за иднината на Македонија и нејзиното пристапување во ЕУ (државата е кандидат од 2005 година) ако се задржи состојбата и се повторат критиките за слободата на медиумите.

„И покрај спорот“, вели еден Македонец кој добро ги познава трговските односи со јужниот сосед, “односите со Грција се добри, нормални, а проблемот е повеќе политички“. Повторно прашањето, „Точно колку е важно името? „Прашање на време е“, објаснува, „Македонците мора да се подготват; им треба поинаква клима; но точно е дека ќе треба да се промени за подобра иднина на сите, впрочем зошто да не?“ Можеби ќе се случи тогаш кога, Александар Македонски, кој на коњ го пронел името на Грција до Индија, ќе може да владее со име и презиме од местото наречено Македонија.

Преведено од шпански јазик: Андреја Стојковски

http://internacional.elpais.com/internacional/2011/10/22/actualidad/1319276833_172083.html