Утре (четврток, 06.10.2011) со почеток во 11:30 часот во НВО Инфоцентарот ќе се одржи прес конференција на која ќе бидат претставени резултатите и заклучоците од извештајот за Мониторинот на медиумите „Медиумско огледало“ за периодот мај-јули 2011 со наслов „Има ли кој да ја турка европската агенда во Македонија?“.

Темите кои се опфаќаат со мониторингот прозлегуваат или се непосредно поврзани со изборниот процес како клучен настан третиран од медиумите во периодот на извештајот. Покрај апелите и очекувањата за фер и демократски избори, како теми кои доминираа во медиумите се спомнуваат и можноста за враќање на визниот режим на државите членки на Шенгенската зона кон граѓаните на Македонија, решавањето на спорот за името како неизбежна предизборна тема, учеството на десноориентираните политичари од ЕУ во предизборната кампања, како и заминувањето на амбасадорот на ЕУ Соренсен од РМ.

Заклучоците од мониторингот укажуваат на сериозна промена во досегашните трендови и квалитетот на интересот на медиумите, но и на политичките фактори за прашањата поврзани со евроинтеграциите на Македонија. На прес конференцијата ќе се дискутираат можните влијанија и идните трендови кои во јавноста ќе бидат предизвикани од констатираната промена. Токму овие елементи го прават ова издание на „Медиумско огледало“ поинакво и привлечно за јавна анализа.

„Медиумското огледало“, од 2008 година, претставува редовна квартална активност на НВО Инфоцентарот и Македонскиот центар за европско образование со која се мониторира квалитетот и квантитетот на информирањето за евроинтеграциските процеси во Македонија