Македонија во Европска унија

Archive for October, 2011

  • Името на оваа поранешна југословенска република е пречка за нејзиното интегрирање со 27те држави-членки
  • Грција се противи на интегрирањето поради стравот од можни територијални претензии во иднината

Оскар Гутиерез Гаридо, Скопје, 22 октомври 2011 –

Статуата на Александар Македонски на плоштадот „Македонија“ во Скопје. / Огнен Теофиловски (REUTERS)

Обајцата учествуваа во битките. Велат дека додека тој храбро се спротивставуваше на противниците, коњот удираше каде ќе стигне. Јавачот, според легендите, облечен е како за во битка. Слика која прилега на оние од историските читанки и го прикажува кралот на Македонија од антиката, со меч во раката. Но, се што лета не се јаде, барем не во Скопје. Статуата која се извишува над плоштадот „Македонија“ во главниот град, за сите оние зад границата е „воин на коњ“. Ова е официјалното име и верзија која ја користат властите. Внатре во државата, меѓутоа, никој не се сомнева дека тоа е Александар Велики. Прашање на манири, суптилност која не е туѓа во државава која се обидува да се придружи на Европската унија од своето осамостојување во 1991 година. Обидот го спречи ветото на Грција и тоа не во институционалната мрежа на Брисел, туку во една друга организација НАТО. Причината, единствена и со големи букви: името на државата.

„Јас не би го нарекол тоа криза на идентитетот“, објаснува на една група новинари министерот за надворешни работи, Никола Попоски, туку „предизвик за идентитетот“. Ова е, според овој политичар од 34 години образуван во Франција последицата на она што во неговата Македонија го нарекуваат „проблемот со името“. Односно, одбивањето на Атина да прифати нејзиниот северен сосед да се нарекува, како што утврдува Уставот на државата, Република Македонија и, следствено на тоа, блокадата во Атланската алијанса и во ЕУ поради грчките притисоци. Толку ли е важно името за идентитетот на една држава? „Јасно“, одговара Попоски. „Ако не беше така, тогаш зошто Европската комисија во својот последен извештај не ја користи придавката македонски?“, објаснува министерот. Отсуството на придавката за да се означи нацијата и јазикот на државата, што според членовите на Владата е „понижувачки“ ја испровоцира поплаката до Брисел од претседателот Ѓорге Иванов.

Дури 95,8% од граѓаните Македонци не се согласуваат со промената на името поради членството во ЕУ.

Попоски покажува дека нема да има нови отстапки кон Атина за компромис во решавањето на спорот за името и промена на уставно утврденото име на државата.  Македонија се оддели од поранешна Југославија пред 20 години. Отворањето на проблемот со името ја принудува меѓународната заедница да ја именува државата како Поранешна Југословенска Република Македонија (ПЈРМ), а државата ја примора да пристапи кон промена на државното знаме и промени во Уставот за јасно да потврди дека името, покрај сиот страв на Грција, не претставува никаква територијална претензија кон географскиот регион наречен Македонија кој се наоѓа на грчка територија.

Овој став на Попоски, без сомневање е официјалната позиција на државата. Друго е она што ќе го слушнете од граѓаните на улица. Му го поставив истото прашање на Александар, жител на Скопје: Дали навистина името е толку важно за идентитетот? „Види“ вели овој Македонец, „ако ти сакаш да се придружиш на еден клуб, а тие те принудуваат да направиш некакви отстапки, да се нарекуваш поинаку, што ќе направиш? Александар од татко роден во Грција и мајка во Македонија, признава дека неговите сограѓани ќе мораат да го променат името на државата и со насмевка го предлага името „Македонија-Скопје“. Според, него, името е само почеток на отстапките, ќе следуваат уште многу до конечното пристапување кон 27-те. „Ова со името е само изговор. Луѓето повеќе не се толку про-ЕУ и про-НАТО расположени како некогаш.“

Будење на националистичката реторика

На истиот начин размислуваат и големиот број Македонци. Според едно истражување на независната истражувачка организација Аналитика дури 95,8% од граѓаните кои се етнички Македонци  (64% од популацијата, наспроти 25% етнички Албанци) не се согласуваат со промената на името на државата заради влезот во ЕУ (каде е држава кандидат од 2005 година) и НАТО. Вака високиот процент, според Аналитика се должи на разочарувањето од ветото за прием во НАТО на Самитот во април 2008 година во Букурешт. Со разочарувањето Аналитика го охрабрува и оживувањето на „националистичката реторика“ кај политичката елита и вели дека е „далеку поатрактивна за масите“ отколку реформите кои ЕУ ги бара од државата (со приближно 100 милиони евра на СДИ во државата), а воедно ги збунува и дели по етнички линии граѓаните. Особено видлива е поделбата помеѓу Македонци и Албанци.

„Поларизацијата на населението“, подвлекува министерот Попоски, „е многу поедноставна во една мала држава како Македонија (со два милиони жители)“.  Министерот потврдува дека националистичките чуства се „последица“ на отворената криза со името на државата. „Пред 20 години“, објаснува, „никој немаше да дебатира за името на автопатот, ако предизвикот не беше толку голем“. Оваа дебата има многу учесници, но нема многу разногласие, дури ни во медиумите. „Сите мораат да бидат патриоти за името“, потврдува Газменд Ајдини од Центарот за развој на медиуми (ЦДМ). Дури и новинарите.

Владата со која претседава, претседателот на централно-десничарската ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, е вториот најголем огласувач, веднаш зад Т-Мобиле. Ова, според Ајдини, доведува до состојба во која „практично да не постои независно новинарство и уредништво кај медиумите“. Оспоруваниот извештај од Брисел ја критикува Владата за затворањето на приватната телевизија А1, која беше критички расположена за владеењето на Груевски. За илустрација на односот, во својето интервју за државната агенција МИА, премиерот Груевски го наклевети поранешниот новинар на оваа телевизија, Борјан Јовановски, дека работи за ЕУ и ја оцрнува својата држава. Причина за клеветата е прашањето што Јовановски му го постави на еврокомесарот за проширување, Штефан Филе, за иднината на Македонија и нејзиното пристапување во ЕУ (државата е кандидат од 2005 година) ако се задржи состојбата и се повторат критиките за слободата на медиумите.

„И покрај спорот“, вели еден Македонец кој добро ги познава трговските односи со јужниот сосед, “односите со Грција се добри, нормални, а проблемот е повеќе политички“. Повторно прашањето, „Точно колку е важно името? „Прашање на време е“, објаснува, „Македонците мора да се подготват; им треба поинаква клима; но точно е дека ќе треба да се промени за подобра иднина на сите, впрочем зошто да не?“ Можеби ќе се случи тогаш кога, Александар Македонски, кој на коњ го пронел името на Грција до Индија, ќе може да владее со име и презиме од местото наречено Македонија.

Преведено од шпански јазик: Андреја Стојковски

http://internacional.elpais.com/internacional/2011/10/22/actualidad/1319276833_172083.html

Антикистан на Балканот

Почитувани,

Во наредниот период на овој блог ќе бидат објавувани текстови од странски портали и весници, а кои се однесуваат на РМ и нејзината евроинтеграција.

Adelheid Wölfl, 24. Oktober 2011 18:01

http://derstandard.at/1319181109490/Antikistan-auf-dem-Balkan

Македонија е политички парализирана поради спорот за името со Грција – премиерот Груевски наложи изградба на антички парк на хероите – истовремено се ограничува слободата на медиумите


Скопје – Некои лавови се свртени кон војниците кои со штитови и копја  го чуваат постаментот  на којшто Александар Велики во сјајна бронза седејќи на масивен коњ,  се бори против непознати непријатели. Другите лавови исплукуваат сина или виолетова вода во скопското ноќно небо. Одекнува музиката од „Лебедово Езеро“. На плоштадот околу Александар се групирале бројни други „македонски херои“: римскиот император Јустинијан е поставен во близина на реката Вардар, но најголемиот дел од мермерните или бронзените споменици не ги знаат дури ни самите Македонци. Проектот „Скопје 2014“ изгледа како некое дете-џин да ги истурило тука своите  Playmobil- играчки од планетата Фантазија.

Сепак, се работи за нешто повеќе: Во еден регион во кој идентитетот во голема мера се дефинира со повикување на историјата, една мала несигурна земја се обидува да ја зајакне својата самодоверба со симболи од „славните времиња“. Градот во кој преовладува социјалистичка архитектура сака да се дефинира себеси како национално македонски град и како град продолжувач на континуитетот на империјалното наследство. Притоа несмасниот кич симпатично го потиснува патосот.

Водоскоци во реката

Од Вардар извираат водоскоци, позади нив никнуваат овална зграда со столбови и Пантеон со извитоперена форма, додека на другата страна од плоштадот се подигнува триумфална капија. Духовниот татко на овој Дизниленд на историјата на Балканот е премиерот Никола Груевски. Во Скопје некои велат дека Груевски би сакал да го одвлече вниманието од фактот што државата, којашто туку што ја прослави едвај 20-годишнината од своето постоење, веќе подолго време политички, воопшто не се придвижува. Како кандидат за ЕУ-членство од 2005 година,  Македонија можеше да биде предводник на интеграцијата и добар ученик со оглед на реформските напори. Министерот за надворешни работи, Никола Попоски вели дека да беше Македонија денес во ЕУ, ќе беше нето –плаќач (во буџетот на ЕУ-Н.Ј.). Ќе беше!  Чудната кавга со Грција за името на земјата, која се уште мора да се нарекува FYROM (Former Yugoslav Republic of Macedonia) во меѓународната комуникација – Атина ја оспорува употребата на името Македонија и вложи вето за членство во НАТО – ги спречува сите понатамошни чекори кон ЕУ. Решение не е на повидок.

Ако се погледнат хероите на плоштадот Македонија в очи, многумина изгледаат поприлично очајно. Земјата која брои два милиона жители не само што е непризната од надвор, туку под постојан предизвик е и внатрешниот идентитет – една четвртина од населението се Албанци. Владата во Скопје се надева дека ЕУ кога-тогаш ќе се вклучи во спорот за името како посредник. Но, ЕУ е премногу преокупирана со себеси, а проширувањето е непопуларно. Некои меѓутоа не го доживуваат спорот со името толку негативно. Министерката за ЕУ интеграции – Теута Арифи признава дека и во Македонија има економски и политички сили кои воопшто не сакаат членство во ЕУ, бидејќи за тоа би биле потребни повеќе транспарентност и реформи во администрацијата.

Нема промена на името

Министерот за надворешни работи Попоски ја брани позицијата на национално-конзервативната Влада: „Не постои никаква шанса за промена на уставно име на нашата земја.“ Точка. Подготвеноста за компромис би изгледала поинаку. Но, мнозинството од населението го подржува ставот на Владата. Попоски е убеден дека Македонија за разлика од Грција ги застапува европските вредности. А Александар Велики на главниот плоштад во Македонија? „Тоа е последица на тоа што ние се чувствуваме загрозени“- вели тој. Нема разбирање за бесот на Грците.

На симболичен начин Македонија се блокира самата себеси, иако реалните проблеми се исклучително сериозни. Европската комисија и граѓанското општество го критикувааат недостатокот на слобода на медиумите. Најголемата опозициска телевизија А1 мораше да се затвори годинава поради „даночни казни“. Двете најзначајни телевизии се управувани од членови на семејствата на клучни фигури на владеачката ВМРО-ДПМНЕ. Владата е вториот најголем огласувач на реклами во медиумите. Политичките релации лесно се „отчитуваат“ и во весниците. За да може да преживеат, новинарите се принудени на автоцензура. Вториот најголем лост на моќта на партиите е администрацијата. Дарко Алексов од невладината организација Мост на пример, раскажува дека ВМРО-ДПМНЕ си обезбеди од „вработени“ во администрацијата составени списоци со имиња на членови на нивните семејства, за да ги бара по телефон и да ги „поттикне“ да одат на гласање. Излезноста на парламентарните избори на 5 јуни од 63% беше релативно висока.

Вицепремиерката Арифи признава дека и нејзината партија, албанската фракција ДУИ е дел од клиентелистичкиот систем. „Ќе дојде денот кога ќе мора да се решиме дали ќе ги следиме европските вредности“, вели таа. Инвазијата на херои во Скопје очигледно  не и се допаѓа: „Би требало да се ориентираме повеќе кон иднината наместо кон минатото“. Сепак и Албанците си ги побараа своите херои. Копија на скулптурата на Скендербег од Тирана веќе отпоздравува од османлискиот пазар во насока кон Александар Велики.

(DER STANDARD Printausgabe, 25.10.2011)

Превод од германски: Наташа Јованова

Утре (четврток, 06.10.2011) со почеток во 11:30 часот во НВО Инфоцентарот ќе се одржи прес конференција на која ќе бидат претставени резултатите и заклучоците од извештајот за Мониторинот на медиумите „Медиумско огледало“ за периодот мај-јули 2011 со наслов „Има ли кој да ја турка европската агенда во Македонија?“.

Темите кои се опфаќаат со мониторингот прозлегуваат или се непосредно поврзани со изборниот процес како клучен настан третиран од медиумите во периодот на извештајот. Покрај апелите и очекувањата за фер и демократски избори, како теми кои доминираа во медиумите се спомнуваат и можноста за враќање на визниот режим на државите членки на Шенгенската зона кон граѓаните на Македонија, решавањето на спорот за името како неизбежна предизборна тема, учеството на десноориентираните политичари од ЕУ во предизборната кампања, како и заминувањето на амбасадорот на ЕУ Соренсен од РМ.

Заклучоците од мониторингот укажуваат на сериозна промена во досегашните трендови и квалитетот на интересот на медиумите, но и на политичките фактори за прашањата поврзани со евроинтеграциите на Македонија. На прес конференцијата ќе се дискутираат можните влијанија и идните трендови кои во јавноста ќе бидат предизвикани од констатираната промена. Токму овие елементи го прават ова издание на „Медиумско огледало“ поинакво и привлечно за јавна анализа.

„Медиумското огледало“, од 2008 година, претставува редовна квартална активност на НВО Инфоцентарот и Македонскиот центар за европско образование со која се мониторира квалитетот и квантитетот на информирањето за евроинтеграциските процеси во Македонија