Гротексна е драги мои практицирањето на македонската демократија. Секој ја разбира и работи на нему својствен начин а со методи испрани во партиските пералници. Ако малку ја извртиме дефиницијата на Линколн дека демократијата е власт на народот, од народот и за народот, како и онаа на Аристотел од нашиот омилен антички период дека секој народ си ја заслужува својата власт, несомнено ќе ја препознаеме нашата сурова реалност во која живееме. Прецизна парадигма за власта, актуелна и денес а во форма на прашање поставува Де Сервантес во својот Дон Кихот – „Размислете се Санчо…зошто високите служби ги менуваат луѓето и може да се случи кога ќе станеш губернатор да не си ја познаеш и својата мајка што те родила?“.

Слободата како најзначајна категорија на демократијата е патот до општествената и политичка вистина, бидејќи овозможува да се чуе гласот на индивидуата. Со помош на слободата, најдлабоките промени во демократијата се остваруваат на легален начин, без револуции и насилства. Оттука професорот Божидар Марковиќ демократските слободи ги сместува како неопходен услов за формирање на политичката и општествената вистина. А кои се нашите политички и општествени вистини поврзани во контекст на демократските слободи. Ваму ќе се обидам да проанализирам и веројатно сам со себе да дебатирам токму за нарушувањето на слободата на приватност и тоталитарното влегување на владеачката гарнитура во нашите спални соби. Имено, сам од ним познати причини, упорно се обидуваат да му дадат некој вид на (не)легална форма на прислушкувањето без судски налог а од страна на истражните органи (читај МВР). Мината година преку Законот за електронски комуникации ги протнаа овие против-уставни измени, но тука беа будните и најверојатно единствени чувари на правото на приватност во оваа наша т.н. државичка, претставниците на граѓанскиот сектор предводени од ФИООМ, Метаморфозис и Транспарентност Македонија. Овие организации поднесоа иницијатива до Уставниот суд на РМ за поведување постапка за оценување на уставноста на член 4 точка 47 и 48, член 112 ставови 7 и 8, член 138 став 1 точки 28 и 29 од Законот за електронски комуникации („Службен весник на РМ“ број 13/2005, 14/2007, 55/2007, 98/2008 и 83/2010). Уставниот суд на РМ на седница одржана на 15 декември 2010 година донесе одлука со која ги поништи оспорените законски одредби и застана во одбрана на правото на приватност на граѓаните на РМ. А што сакаше да постигне владеачката гарнитура доколку оспорените одредби останеа во сила:

  • Согласно чл. 4 точка 47 од Законот, овластен орган за следење на комуникации е МВР кое презема мерки и активности за спроведување на мерката следење на комуникации и има постојан и директен пристап до електронските и комуникациски мрежи и објектите на операторите на јавни комуникациски мрежи и давателите на јавни комуникациски услуги. Според точка 48 од истиот член, следење на комуникации е техничка можност која овозможува тајно следење на комуникациските услуги, а се остварува со вградување на соодветна техничка опрема и соодветна софтверска поддршка во електронската комуникациска мрежа на операторот/давателот на јавни комуникациски мрежи.
  • Согласно член 112 став 7, операторите/давателите на јавни комуникациски услуги се должни на барање на надлежните државните органи да им ги достават податоците за сообраќај кога тоа е потребно заради спречување и откривање на кривични дела, заради водење на кривична постапка или кога тоа го бараат интересите на безбедноста и одбраната на РМ.  Во став 8 од истиот член стои дека овластениот орган за следење на комуникации, операторите/давателите на јавни комуникациски мрежи и услуги се должни да му овозможат постојан и директен пристап до своите електронски комуникациски мрежи, како и услови за самостојно преземање на податоците за сообраќај.
  • Согласно член 138 став 1, глоба во износ од 7 до 10% од вкупниот годишен приход на правното лице остварен во деловната година што и претходи на годината кога е сторен прекршокот ќе му се изрече за прекршок на правното лице ако согласно точка 28 на овластениот орган за следење на комуникации не му овозможат постојан и директен пристап до своите електронски комуникациски мрежи, како и услови за самостојно обработување на податоците за сообраќај, и согласно точка 29 услови за одредување на моменталната географска, физичка или логичка локација на терминалната опрема на своите претплатници, односно корисници независно од нивната телекомуникациска активност.

Сите овие одредби беа поништени од Уставниот суд на РМ затоа што се во дирекна спортивност со Амандманот XIX од Уставот на РМ:

„Се гарантира слободата и неповредливоста на писмата и на сите други облици на комуникација.
Само врз основа на одлука на суд, под услови и во постапка утврдена со закон, може да се отстапи од правото на неповредливост на писмата и другите облици на комуникација, ако тоа е неопходно заради спречување или откривање кривични дела, заради водење кривична постапка или кога тоа го бараат интересите на безбедноста и одбраната на Републиката. Законот се донесува со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број на пратеници.“.

Во горенаведените одредби е изоставена одлуката на судот која облигаторно ја утврдува Уставот на РМ, а истите се во спротивност и со членот 25 од уставот кој ја гарантира заштитата на приватноста на личниот и семејниот живот на секој граѓанин, на неговото достоинство и углед, како и членот 26 кој се однесува на неповредливоста на домот.

http://www.cellphonereviews.com/is-my-cell-phone-tapped/

И во нормални држави и демократии ваквите приказни овде завршуваат со својот хепи енд, додека кај нас во Квазиленд прикаската оди понатаму. Па така, во саботата на 31 март 2011 година без присуство на опозицијата владеачкото мнозинство во прво читање го усвои Предлог-Законот за изменување на Законот за кривична постапка. Со овој Закон се менуваат „цели“ 4 члена од ЗКП. Она што најмногу боде во очи и што повторно е во спротивност со Уставот на РМ е следната одредба:

„ Заради обезбедување податоци и докази неопходни за успешно водење на кривичната постапка, кои на друг начин не можат да се обезбедат или нивното обезбедување би било сврзано со поголеми тешкотии, судот може да нареди преземање на посебни истражни мерки и за кривичните дела од Кривичниот законик“.  На предлог на Владата на РМ и Министерството за правда, со овие измени токму зборот „судот“ се брише и се остава отворена врата повторно истражните органи предводени од МВР да преземаат посебни истражни мерки без судски налог. И што да коментираме понатаму – дали да очекуваме дека владеачкото мнозинство во меѓувреме ќе прогледа па на второ читање амандмански ќе интервенира за да се врати оваа одредба во нејзината правилна положба како што впрочем и беше, или пак повторно да се крстиме во Уставниот суд и да спремаме нови иницијативи за оценување на неговата уставност???

Или можеби овој текст најдобро е да заврши со прашањата на Гогољ во својата поема Мртви души, каде оди Русија, споредувајќи ја оваа голема и таинствена земја со коњска тројка која бесно и виорно лета напред, без позната цел: „Да не е тоа молскавица зафучена од небо? Какво е тоа движење што доведува до ужас? И каква ли непозната сила има во тие коњи незнајни за светот? Русијо, каде леташ ти! Дај одвет? Не дава одвет!“. Дали обраќањето до Русија соодвестува на обраќање и до Македонија???

П.С. Да не ја заборавам европската димензија, ама нејзе ќе ја прочитаме во октомвриската верзија на Извештајот на (не)напредокот на РМ во процесот на евроинтеграции.

Кире Миловски