Иако Европа не може да се пофали со најсјаен успех кога станува збор за промоција на правата на LGBT популацијата, со оглед на големите разлики кои постојат помеѓу државите членки во однос на ова прашање, придонесот кој ЕУ го има за промоција на еднаквост и недискриминација врз основа на сексуална ориентација во државите кои чекаат на прагот за членство е огромен. Јавната дебата за ова прашање во Србија, Македонија, Хрватска ќе се отвореше многу подоцна да не беше ЕУ перспективата.  Оваа дебата не затекна неподготвени, на секое општествено ниво, а најмногу на нивото на највисокиот политички врв.

Има една поговорка која вели “Што се мора, не е тешко“. Но, дали е тоа применливо и кога станува збор за ова прашање на бурниот Балкан? Не би рекла дека им беше лесно на српските власти јавно да ги заштитат активистите кои маршираа на Белградската парада на геј гордоста предминатиот викенд. Ниту им беше лесно на српските полицајци да ги застанат помеѓу активистите на парадата и хулиганите кои дивееа по улиците. Ниту пак лесно им беше на оние кои маршираа од паркот Мањеж по белградските улици. Но, што се мора не е тешко… Не знаеме колкава кнедла голтнале српските политичари, но фактот што оваа иницијатива наиде на широка поддршка од политичарите, почнувајќи од претседателот Тадиќ, кој изјави:

“Државата е целосно подготвена да се справи со хулиганите што ја загрозуваат безбедноста на граѓаните на Србија. Ќе обезбедиме остварување на човековите права за сите граѓани без оглед на нивната определба и никому нема да му дозволиме со насилство да им го одземе тоа“,

па се до министерот за човекови права и права на малцинствата Светозар Чиплиќ, кој маршираше рамо до рамо со активистите.

По завршувањето на дивеењето по улиците на Белград останува впечатокот на меѓународно ниво дека Република Србија е сериозна држава во која политичкиот врв нема да дозволи да биде заложник на општествениот конзервативизам на широките народни маси. Во случајот на Србија државата застана против Црквата и го превзема ставот кој и државата треба да го застапува- сервис на граѓаните. А хомосексуалците се граѓани, еднакви со сите нас. И тие плаќаат даноци, гласаат на избори, уживаат слобода на изразување, слобода на јавно собирање и право на мирен протест. Државата е должна сите тие права да им ги обезбеди и при тоа да не ја интересира дали тоа му смета на некој Митрополит од Врање или некој фудбалски хулиган. Државата им припаѓа подеднакво на сите. Токму српскиот политички врв восхитува со зрелоста и со овозможувањето на услови за оддржување на Парадата на гордоста на 10 октомври 2010 година покажа дека Србија е сериозна држава која има капацитет да биде членка на ЕУ. Ако минатата година парадата беше откажана во последен момент, бидејќи државата не беше подготвена да ја гарантира безбедноста на учесниците, а во 2001 година го паднаа испитот поради што насилници ја прекинаа парадата, оваа есен Србија покажа сериозен напредок како држава.

Во меѓувреме, во Хрватска вакви паради се оддржуваат од 2002 година, мирно и без премногу возбудување. Во Македонија ова прашање се појави во јавната дебата по донесувањето на Законот за антидискриминација за кој Македонија доби критики и во минатогодишниот извештај на Европската Комисија. Michael Cashman, Европарламентарец, претседавач со групата во Европскиот парламент за правата на LGBT популацијата изјави:

“Критериумите за прием на нови членки се кристално јасни: малцинствата мораат да бидат заштитени од дискриминација, како што предвидува чл.19 од Договорот, а тоа ја вклучува и сексуалната ориентација како основа за дискриминација. Кога сакате да се станете дел од ЕУ не добивате мени за да порачате што вие ќе посакате, ова се вредности кои се во основата на Европската Унија и мора да бидеме ригорозни во нивното почитување.“

Колку всушност е ЕУ ригорозна во почитувањето на овие стандарди?

Кога станува збор за заштита на правата на LGBT популацијата постојат драстични разлики меѓу државите членки. Дури со Договорот од Амстердам и се дава моќ на Европската Унија да се бори против дискриминацијата по основ на сексуална ориентација. Усвојувањето на Директивата 2000/78/EC, беше клучниот момент. Оваа директива е основата за забрана на дискриминацијата на хомосексуалци, лезбејки и бисексуалци на полето на вработувањето. Веќе во 2003 година во ЕУ отказот од работно место врз основа на сексуална ориентација стана нелегален. Повелбата за фундаментални права забранува дискриминација по било кој основ (вклучително и сексуална ориентација), а по усвојувањето на Лисабонскиот договор, за прашања од полето на антидискриминација заеднички ќе решаваат Европскиот парламент и Совет.

Во однос на прашањето за легализација на хомосексуални бракови (кое е различно  и издвоено од прашањето за дискриминација по основа на сексуална ориентација) во Европа постои диверзитет на решенија. Шпанија ги има легализирано уште од 2005 година, додека пак со уставот на Латвија овие бракови се забранети. Грчката армија ги смета хомосексуалците за болни, додека пак Шведските војници имаат свој советник за правата на хомосексуалците.

Според анкетите на International Lesbian and Gay Association најлоши резултати од ЕУ државите, во однос на почитување на правата на LGBT популацијата покажуваат Кипар (турскиот дел на Кипар останува единственото место во ЕУ каде хомосексуалноста е забранета со закон, иако овој закон не се спроведува), Латвија и Полска. Дури и Jerzy Buzek, претседателот на Европскиот парламент, и самиот традиционално воспитан под влијание на римо-католичките вредности, отпрвин не сакаше да учествува со настапи во јавност по повод меѓународниот ден за борба против хомофобијата, од страв да не загуби политички поени на домашната сцена. Но, и тој ја голтна таа незгодна кнедла и ги повика Европејците да изградат свет во кој идните генерации ќе живеат во култура на отвореност, недискриминација и толеранција.

Во Македонија останува да се бијат копјата околу Законот за недискриминација и критиките од странство за лошо сработената задача. Битките за виножитото нема да се бијат на улица уште долго, со оглед на тоа дека државата не успеа ниту да ги заштити оние кои протестираа против црквата на плоштад, а камоли оние кои ќе бараат право на слободно изразување на љубовта. Особено фрустрира што во лепезата на наводно различни идеологии и вредности нема политичка партија која храбро ќе застане зад платформата на заштита  и промоција на LGBT правата, макар и тоа да значи дека ќе изгуби одредени политички поени кај широките народни маси. Каде се вистинските либерални вредности во нашето општество? Фрустрира и фактот што Србија ни го превзема приматот на најдобар ученик во класот и ги собра симпатиите на Брисел со зрелоста која ја покажа викендов.

Единствено што ни останува е да ја чекаме или пак да ја создаваме сексуалната револуција за да може нашите деца да живеат во општество кое е отворено и толерантно.

Катерина Тодоровска