“Не ми е дозволено да ти кажувам што да правиш, и тебе не ти е дозволено да ми кажуваш што да правам”.

Независност, слобода, сувереност-пакет аранжман за секоја држава -“сам свој газда со своја политика”. Истото преведено на академски јазик: “Kонцепт на рамнотежа на силите” односно светски децентрализиран поредок на суверени и рамноправни држави. Историски лоциран почеток на овој концепт – по склучувањето на мирот во Вестфалија, 1648. Радикален потег, би рекле историчарите,  но само прв чекор за напуштање на стариот концепт, омилен на оние помоќните, покреативните, поимагинативните – оние со една “футуристичка” визија за универзална монархија…. Звучи познато? Или како што би рекол Денис Мекшејн, британскиот министер за ЕУ – “Стари идеи од стар човек за стара визија на Европа”.

Интересно е да се споредуваат и изедначуваат старите визии со ново-остварените модели на денешницата но пред да се донесат погрешни заклучоци потребно е добро да се разгледаат некои дефиниции. Да почнеме со “Супрaнационална Унија”: наднационална политика, “средишна точка” помеѓу конфедерација и федерација, помеѓу асоцијација на држави и држава. Унија суи генерис, Аристотелова “златна средина” која ги отелотворува како наднационалните така и меѓувладините карактеристики во нејзиниот систем на управување: Комисијата, Парламентот и Судот на правдата – носители на супранационалниот белег и нивните “интер-гавернменталистички колеги”- Европскиот Совет и Советот на министри. Мора да се признае – тоа е интересно решение како да се оддржи балансот.

Тоа е еден уникатен политички идентитет, но, како што на нам Македонците ни е особено познато, идентитетот не е статична категорија туку претстаува динамичен процес на себеспознавање, диференцирање и конституирање. Па затоа разгледувајќи го историскиот развој на ЕУ ќе ги сретнете: “Договорот од Мастрихт”, “Договорот од Амстердам”, “Договорот од Ница”, “Договор за Нацрт-Устав”……., не, не звучи добро последново, хмммм……”Лисабонски договор”……да, да, тоа може. И секој договор е всушност чекор кон редефинирањето и концептуализирањето како на нејзината надворешна, така и на  нејзината внатрешна слика.

Четирите слободи, Шенгенските спогодби, визните либерализации – како на друг начин да ги категоризираме освен како придобивките од ЕУ. Не знам дали Марфи го кажал, но дефинитивно во негов стил е правилото дека “ Не постои нешто како бесплатен ручек”. За жал, обединувањето и отварањето на границите на културните и општествени разноликости, истовремено ги отвори и границите на глобалниот и организиран криминал – т.н. општествено зло. Со цел да спречи таа цена да нарасне со хипергалопирачка инфлација, ЕУ ја увиде потребата од механизам кој ќе ги “принуди” државите да дејствуваат синхронизирано и хармонично, механизам кој неконфликтно и конструктивно ќе го втемели и засили  нејзиниот надворешно -политички идентитет.

Тој последен чекор, превземен на 13 декември 2007, некои го нарекуваат “латентен конституционализам”, “ eвропски федерализам”, “ Соединети Европски Држави”  и сл. Причина за тоа делумно е номиналното манипулирање со поимите од претходниот “Договор за Устав” односно планираните функции “ Претседател на ЕУ” и “Министерот за надворешни работи на ЕУ” се модификувани во  “Претседател на Европскиот Совет” и “Висок претставник на Унијата за надворешни работи и безбедносна политика”. Во секој случај, новите глобални предизвици, стратешки цели и околности ја наведоа ЕУ се повеќе да се себеистражува и да го оформува својот надворешно-политички идентитет за да на крај може “да говори со еден глас и една уста во меѓународните односи”.

Легендарното “Ирско НЕ” и скептицизмот кон модифицираното лице на ЕУ сеуште тлее кај дел од стручната популација. Преокупираноста со стравот од екстремен супранационализам ги спречува да се потсетат на древното “Panta Rei” односно дека нови права и нови слободи влечат со себе и нови обврски. Не може ни комплетно да се негираат фаталистичките предвидувања, но, се додека адаптирањето на ЕУ кон новите околности и предизвици не го пореметува еквилибриумот на “супра-интер силите” и коегзистенцијата на разликите, тие ставови ќе бидат само контратежа на про-аргументите.

Анастазија Младеновска