Навистина изненади фактот дека држава како Франција која важи за високо развиена демократија, генератор на човековите права и слободи, извор на мултикултурниот дијалог и мултиконфесионалните односи, направи престап и си дозволи со протерувањето и депортирањето на Ромите и номадите од сопствената териоторија да го наруши веќе стекнатиот имиџ. Оваа политика на француските власти е насочена кон 15 000 ромските мигранти од Бугарија и Романија кои со идеја за подобар живот го искоритиле своето право како граѓани на ЕУ да мигрираат и  да најдат работа во друга држава членка на ЕУ, исто како и останатите граѓани на посиромашните држави членки на ЕУ. Истата таква политика е насочена и кон 350 000 Роми и номади кои подолго време престојуваат во Франција и имаат регулиран статус. За доброволно напуштање им се нудат по 100 ЕУР за дете и 300 ЕУР за возрасен. Но проблемот не застанува тука. Истата таква политика верижно ја прифатија и други држави членки на ЕУ како Чешка и Словачка и тоа можеби и со погруби мерки. Според француските власти постојат 539 „диви населби“ и во наредните три месеци планира да уништи 300 кампови.

Оттука, се поставува прашањето дали принципите врз кои почива ЕУ и Советот на Европа во кои е членка и
Франција, важат подеднакво за сите или пак кога станува збор за Ромите може се да се заборави. Со депортирањето се прекршува правото на слободно движење, забраната на колективно протерување на странци грубо се крши, со уривањето на камповите се прекршува правото на домување и социјална заштита, еднаквост пред законот, правото да не се биде дискриминиран како и други меѓународно признати права. Со ова се создава и промовира една расистичка политика која ако не се прекине и остро осуди како неправилна од ЕУ, Советот на Европа и ООН како гаранција за демократичноста и  човековите права и слободи може да ги поттикне и другите држави да го сменат третманот кон Ромите и она што важи за сите да не важи и за Ромите. Па тогаш не само Србија што нема да ги пушта да поминат граница, туку ќе се генерираат такви проблеми кои можат да не потсетат на моменти кои мислиме дека се надминати уште од 40-тите години на минатиот век.

Аргументот во изјавата на Саркози за ваквите мерки е дека со тоа би се намалил криминалитетот, проституцијата и девијантните појави. Со овие мерки нема да се постигнат никакви резултати и ќе се зголемат проблемите, а со вакви непромислени изјави уште повеќе се влошува ситуацијата бидејќи со  генерализирање се стигматизира целата заедница. Да не заборавиме дека многу одамна голем дел од Ромите се адекватно инволвирани во општествата во кои живеат и подееднакво допринесуваат за своевиден развој на своите држави. Тие од секогаш живееле во земјите на ЕУ, но можностите за интегрирање биле многу поголеми и тие Роми не се разликуваат од Ромите во балканските земји од кои доаѓа мнозинското маргинализирано ромско населиние, каде живеат во субстандардни услови, неможат да се изборат за своите права, не се вклучени во образовниот систем, институционално се заборавени и со тоа претставуваат проблем и за самите држави. Затоа треба да се користат позитивните примери и да се создадат позитивни мерки за инволвирање на ромската зедница во општествата каде живеат. Проблемите со кои се соочуваат Ромите не се само нивни проблеми, туку и на општеството во кое живеат. Решавањето на истите е добра инвестиција за самото општество и тоа ќе се врати повеќекратно на долг рок. Наместо да се одбегнуваат проблемите или пак да се создаваат уште повеќе со сегрегација и стигматизицаја на ромската заедница, би било многу подобро да се истапи со силна политичка волја и реализирање на позитивни мерки насочени кон ромската заедница.

Уште повеќе фрустрира загриженоста на ЕУ за неостварувњето на правата на LGBT популацијата и нивните проблеми, а проблемите со  кршења на основните човекови права и слободи на цела заедница се ставаат на втор план, како на регионално, така и на национално ниво во самите држави членки. Па имаме ситуација кога повеќе се дебатира за слободата на сексуална ориентација, а не за правото на образование, социална заштита или недискриминација врз национална основа. Проблемите на LGBT популацијата станаа приоритет, а она за кое треба да претставува минимум стандард за секое нормално општество се остава за некои идни времиња.



Можеби државите во кои живеат Ромите ќе сфатат дека мораат да се соочат  и да работат на решавање на нивните проблеми и остварување на нивните потреби, а ромската популација ќе почне да размислува за единство и заеднички ставови и барања за реалзирање на активни политики насочени кон ромската заедница.

Автор на текстот: Аднан Демировски