Каква храна конзумираме, дали истата била чувана во соодветни услови, дали е направена од свежи состојки итн.?

Ова се само дел од прашањата кои едно македонско семејство треба да си ги постави пред да ја постави порцијата храна на масата. И додека Eвропјаните веќе со децении уживаат во благодетите на т.н. проверена храна, ние сеуште со доза на скептицизам го конзумираме и денешниот оброк ослонувајќи се на ветувањето на тетката од пазарче која најмалку пет минути ве уверува дека доматите кои ги купивте се без пестициди.

Па наместо да го имплементираме новиот единствен Закон за безбедност на храната до 2010 година, ние дозволивме извештајот за напредокот на Македонија во 2009 година да стигне со забелешка во однос на поклопувањето на двата закони во секторот. Ни забележаа и дека немаме потребни процедури за ефективна соработка меѓу различните институции задолжени за безбедност на храната.Чиста среќа што англискиот превод на содржините на сајтот на Министерството за здравство функционира само во парни денови па оние од Брисел неможат да прочитаат колку  Дирекцијата за храна на РМ редовно го апдејтува сајтот и ги информира граѓаните за правилниот начин на исхрана. Дека нели само уште таа обврска им преостана откако успешно го спроведоа НАССР системот.

Во националната програма стои дека треба да се спроведе кампања за подигнување на свеста за обврските кон ЕУ-барањето за имплементирање т.н. ‘‘хигиенски пакет‘‘ со посебен акцент на НАССР процедурите. Од друга страна пак, нашето законодавство за правила на хигиена, животински производи и контрола сеуште се само делумно во согласност со ЕУ законодавството.

Па така неопходните системи за собирање и третман сеуште не се воспоставени, нема стратегија за подобрено спроведување НАССР а производителите и увозниците сеуште ги плаќаат контролите бидејќи новиот систем за финансирање на службени контроли кој требаше да профункционира на почетокот од оваа година функционира само на хартија.

Што е тоа НАССР и зошто ни е потребен ?

НАССР  е систем на работа (самоконтрола) кој е превентивен и кој служи сите опасни ситуации по здравјето на консументот да се отстранат или да се сведат на прифатливо ниво за време на производството, преработката и складирањето на прехрамбените производи. Со неговото воведување се намалуваат финалните трошоци за производство, се зголемува безбедноста на вработените и на потрошувачите, го зголемува квалитетот и продуктивноста, неопходен е за пласман на меѓународниот пазар.

НАССР е законска обврска како во ЕУ така и во Македонија. НАССР им е потребен на сите кои работат со храна без разлика дали е во прашање производство, увоз, извоз, складирање или директно служење на прехрамбените производи.

Кај нас одговорен орган за спроведување на НАССР системот е Дирекцијата за храна при Министерството за здравство. Па  доколку го отворите нивниот веб  сајт http://moh.gov.mk/index.php?category=52 , односно делот во кој се говори за крајниот рок на имплементација на НАССР систем (прво беше до 2008 година, па потоа се даде нов рок до 01.01.2009 година) ќе забележите дека освен пролонгирање на рокот нема податоци за зголемен број на угостителски субјекти кои го вовеле истиот.

Но, колку се спремни малите бизниси и угостителски објекти да го воведат НАССР со оглед на фактот дека за да се опреми една кафеана или продавница ви се потребни отприлика 15.000 евра. Казните за неспроведување на истиот се движат од максимални 5.000 евра за правни субјекти, за одговорните лица 3.000 евра, затворање на објектите од две години до шест месеци , како и забрана за вршење на дејност.

Дали државата треба да ги казнува или пак треба да ги кредитира и субвенционира малите бизниси за да истите можат да го имплементираат НАССР системот во својот бизнис и за да можат да го промовираат својот производ надвор од границите на својата држава? Или пак истата треба да одбере помеѓу квалитет и квантитет!