Македонија во Европска унија

Archive for September, 2010

Based on true events…..:-)

Се започна со посетата на чешката студентка по право Barbora Nečasová на Македонија поради двомесечна пракса во Секторот за Европски прашања во рамките на Владата на РМ. Како извидник во слободно време, природните убавини на Македонија претставуваа дополнителен мотив за нејзиното доаѓање во Македонија. Преку дружењето со тимот oд млади луѓе од организацијата домаќин ЕЛСА (Европско здружение на студенти по право во РМ- ЕЛСА) задолжен за нејзината социјална програма, Барбора го донесе истиот заклучок како и многу други странски посетители  пред неа: “ I  ♥ Macedonia & Macedonian people… I have to come back again“. Можноста за тоа се јави побрзо отколку што очекуваше. Дознавајќи за конкурсот од програмата “Youth in action”, желбата се трансформира во идеја за проект со име “True Story” кој воедно претставуваше и најдобар начин да се вклучат доволен број чешки и македонски коавтори кои заедно и веродостојно ќе напишат една приказна – приказна за соочувањето со културните разноликости, за јакнењето на отвореноста кон нови познанства и за градењето на толерантен пристап во прифаќањето на сите ново-откриени разлики.

Во оваа приказна сите 30 учесници се главни јунаци, млади луѓе, со чешко и македонско државјанство на возраст помеѓу 14 и 25 години-прекрасна целна група со голем потенцијал и волја за воспоставување на македонско-чешко партнерство и засилување на сите елементи кои тоа ги опфаќа. Покрај “Јунак Извидничкиот одред од Босковице” , Чешка (предводен од Barbora Nečasová), како организации-коорганизатори се вклучија организациите “Младински образовен форум”( МОФ), “АЕГЕЕ Скопје” и “Младите можат”  , односно  луѓе со претходно искуство во невладиниот сектор, со голема креативност и ентузијазам за учество во пишувањето на приказната. Групата учесници од МОФ ја сочнинуваа победничкиот тим на Средношколскиот квиз за ЕУ кој се оддржа во мај во ЕУ инфоцентарот, тимот од гимназијата “Раде Јовчевски Корчагин“: Мила Голчева, Немања Павловиќ и Симона Ристеска, како и лидерите на групата Катерина Тодоровска, Анастазија Младеновска и Маја Димчева. Струга, на брегот на Охридското езеро, беше избраната локација за оддржување на овој летен камп во периодот 22 до 30 август 2010 година. Неделната агенда беше исполнета со интересни активности од најразличен карактер, едукативни, рекреативни и креативни.  Со цел да се намали културната и јазична разлика и да се охрабри дискусијата за важни општествени прашања, организаторите водеа интерактивни работилници вклучувајќи во нив игри со општествен контекст како: “Labyrinth of the world and paradise of the heart”, насловена според делото на Јан Амос Коменски; “Моја држава“, каде учесниците се обидоа да го создадат својот идеален модел на здружување; “Лимонијада” (работилница за социјална инклузија и дискусија за прифаќањето на различните култури и отвореноста за нови пријателства); работилници за театарска импровизација; работилници за комуникациски вештини и решавање на конфликти. Воодушевеноста на Чесите од околните природни убавини и близината на планините доведе до реализација на храбар потфат- освојување на Галичица за време на најтоплите денови на летото.  Чесите имаа можност да уживаат во убавините на Охридската чаршија, како и во традицијата зачувана во Вевчани и прекрасните водопади. Културната размена се одвиваше и преку традиционалната храна, пијалок, музика и танци.

True Story е приказна за искрено пријателство помеѓу студенти од Чеси и Македонија, чиј ентузијазам доведе до градење на можности за ширење на кругот на пријателството и меѓусебната почит за различната култура и откривање на истите на нивните врсници. Ова е приказна за еден скромен настан кој ги промени животите на триесетина млади луѓе- им отвори нови хоризонти на меѓународни пријателства и поставувајќи ги пред предизвици и дилеми од глобално значење ги инспирираше да размислуваат глобално, а дејствуваат локално.

На крајот на настанот учесниците сфатија дека приказната не заврши,туку  напротив, тоа беше само еден  вовед, едно поглавје, експозиција на едно долгорочно пријателство. Уште еднаш младите покажаа дека со нивната искреност, волја за дружење и желба за запознавање на културните разлики се далеку поспособни да помогнат во вклучување на нашата земја во “глобалното село” отколку секој вид на  дипломатски средби на политичките гарнитури.

Consumer protection vol.HACCP

Каква храна конзумираме, дали истата била чувана во соодветни услови, дали е направена од свежи состојки итн.?

Ова се само дел од прашањата кои едно македонско семејство треба да си ги постави пред да ја постави порцијата храна на масата. И додека Eвропјаните веќе со децении уживаат во благодетите на т.н. проверена храна, ние сеуште со доза на скептицизам го конзумираме и денешниот оброк ослонувајќи се на ветувањето на тетката од пазарче која најмалку пет минути ве уверува дека доматите кои ги купивте се без пестициди.

Па наместо да го имплементираме новиот единствен Закон за безбедност на храната до 2010 година, ние дозволивме извештајот за напредокот на Македонија во 2009 година да стигне со забелешка во однос на поклопувањето на двата закони во секторот. Ни забележаа и дека немаме потребни процедури за ефективна соработка меѓу различните институции задолжени за безбедност на храната.Чиста среќа што англискиот превод на содржините на сајтот на Министерството за здравство функционира само во парни денови па оние од Брисел неможат да прочитаат колку  Дирекцијата за храна на РМ редовно го апдејтува сајтот и ги информира граѓаните за правилниот начин на исхрана. Дека нели само уште таа обврска им преостана откако успешно го спроведоа НАССР системот.

Во националната програма стои дека треба да се спроведе кампања за подигнување на свеста за обврските кон ЕУ-барањето за имплементирање т.н. ‘‘хигиенски пакет‘‘ со посебен акцент на НАССР процедурите. Од друга страна пак, нашето законодавство за правила на хигиена, животински производи и контрола сеуште се само делумно во согласност со ЕУ законодавството.

Па така неопходните системи за собирање и третман сеуште не се воспоставени, нема стратегија за подобрено спроведување НАССР а производителите и увозниците сеуште ги плаќаат контролите бидејќи новиот систем за финансирање на службени контроли кој требаше да профункционира на почетокот од оваа година функционира само на хартија.

Што е тоа НАССР и зошто ни е потребен ?

НАССР  е систем на работа (самоконтрола) кој е превентивен и кој служи сите опасни ситуации по здравјето на консументот да се отстранат или да се сведат на прифатливо ниво за време на производството, преработката и складирањето на прехрамбените производи. Со неговото воведување се намалуваат финалните трошоци за производство, се зголемува безбедноста на вработените и на потрошувачите, го зголемува квалитетот и продуктивноста, неопходен е за пласман на меѓународниот пазар.

НАССР е законска обврска како во ЕУ така и во Македонија. НАССР им е потребен на сите кои работат со храна без разлика дали е во прашање производство, увоз, извоз, складирање или директно служење на прехрамбените производи.

Кај нас одговорен орган за спроведување на НАССР системот е Дирекцијата за храна при Министерството за здравство. Па  доколку го отворите нивниот веб  сајт http://moh.gov.mk/index.php?category=52 , односно делот во кој се говори за крајниот рок на имплементација на НАССР систем (прво беше до 2008 година, па потоа се даде нов рок до 01.01.2009 година) ќе забележите дека освен пролонгирање на рокот нема податоци за зголемен број на угостителски субјекти кои го вовеле истиот.

Но, колку се спремни малите бизниси и угостителски објекти да го воведат НАССР со оглед на фактот дека за да се опреми една кафеана или продавница ви се потребни отприлика 15.000 евра. Казните за неспроведување на истиот се движат од максимални 5.000 евра за правни субјекти, за одговорните лица 3.000 евра, затворање на објектите од две години до шест месеци , како и забрана за вршење на дејност.

Дали државата треба да ги казнува или пак треба да ги кредитира и субвенционира малите бизниси за да истите можат да го имплементираат НАССР системот во својот бизнис и за да можат да го промовираат својот производ надвор од границите на својата држава? Или пак истата треба да одбере помеѓу квалитет и квантитет!