Работник на Гранит го поклопила карпа додека го пробивал патот до хидроцентралата Света Петка. Друг работник во вулканизер бил разнесен од тракторска гума, додека ја пумпал. Огромната гума не била ставена според прописите во метален кафез, експлодирала и го распарчила работникот. Работник во каменолом бил тешко повреден кога сајлата со која работел неочекувано се скинала.Потоа следува смртниот случај на работникот кој работел во колекторскиот систем Бучим чие што тело беше неколку дена заробено. Работник во Макстил изгоре при експлозија на дел од руска ракета на отпад на старо железо. Работничките во текстилните претпријатија паѓаат во несвест затоа што температурата лете достигнува и до 40 степени, вентилација нема, ниту пак халите се климатизирани.

Обележување улици среде пладне во работен ден, пополнување дупки на плус 40 степени е секојдневие на улиците во Скопје.

Дванаесет работници на градилишта или во рудници загинале, а безмалку 500 се повредени само ланската година, а до сега ниту една фирма не одговарала пред лицето на правдата. Сите овие случаи се свеле само на поднесување пријави и напомени до надлежните да ги преземат законските нормативи за заштита при работа.

Проф.Елисавета Стикова од Републичкиот завод за здравствена заштита потенцира дека според податоците, во светски рамки годишно се регистрирани 270 милиони повреди на работа, 160 милиони професионални заболувања. Секој петти работник во своето работење е изложен на канцерогени супстанци. Во земјите на ЕУ секои 4,5 секунди се повредува еден работник а секои 3,5 минути умира по едно лице поради причини поврзани со работа, додава Стикова.

Претприемачите кои тежнеат кон брза заработка, најчесто со стара и скромна опрема, се обидуваат поевтино и што е можно во помал рок да ја завршат работата. А како последица на тоа постојано се случуваат повреди на работното место кои знаат да завршат и со смрт.

Според Министерството за труд и социјална политика во било која фирма работодавачот е должен на вработените да им обезбеди мерки за заштита на нивната безбедност и здравје и самиот работодавач треба да биде свесен дека температурите влијаат врз работниците и воопшто работата.

Европската унија го дефинира својот легислативен пристап кон заштита и безбедност на работа. Во европската регулатива постојат повеќе рамковни и индивидуални директиви со кои нормативно се уредуваат одделни аспекти на здравјето и безбедноста на работа и тоа:

-Рамковна директива 89/391/ЕЕС;

-15 индивидуални директиви кои се во врска со имплементација на член 16 од Рамковната директива;

-7 директиви во врска со безбедноста и здравјето (за млади работници, за времено вработување, за транспортни активности, за работа во експлозивна атмосфера…);

-8 директиви за заштита на работниците од ризикот предизвикан од физички, хемиски и биолошки агенси;

-директиви за јонизирачко зрачење (Еуроатом) и многу други.

Имплементирањето на овие директиви и на препораките кои произлегуваат од нив е задолжително во Европската унија. Во земјите членки постигнат е висок степен на нивна применливост. Со оглед на нашите аспирации за членство во Европската унија сосема е јасно дека пред нас се отвара широк спектар на проблеми од областа на здравјето и безбедноста на работа што треба да бидат соодветно решени, а прв чекор треба да биде хармонизирањето на националното законодавство.

Овозможувањето на безбедноста, односно заштитата при работење претставува уставна категорија со статус на основно право на секој вработен и врз основа на тоа заштитата е составен дел од организацијата на работа и на работниот процес и истата ја организира, уредува и обезбедува работодавачот во согласност со Законот за безбедност и здравје при работа (Сл.весник на РМ бр 92/07 год) и други подзаконски акти донесени врз основа на овој Закон кои ја регулираат оваа проблематика.

Во рамките на финансиските инструменти на ЕУ од областа на вработувањето и социјалната политика создадена е програмата ПРОГРЕС со Одлука на Европскиот Парламент и Советот. Оваа програма започна да се применува во 2007 година  и ќе се имплементира се до 2013 година и претставува еден од столбовите за исполнување на Лисабонската агенда.

ПРОГРЕС претставува единствена програма на активности(проекти) кои ќе се реализираат во пет области – сегменти од кои едниот се однесува токму на Подобрување на условите на работа, односно здравје и безбедност при работа и балансирање на работата и семејниот живот.

Во програмата ПРОГРЕС учествуваат 27-те Земји членки на ЕУ, земјите од европската економска област, Република Македонија, Хрватска и Србија.

Во 2007 година беше потпишан Меморандум за разбирање меѓу Македонија и Европската заедница во програмата на Заедницата за вработување и социјална солидарност-ПРОГРЕС

Во обид да добијам повеќе информации за програмата ПРОГРЕС, досегашното искуство на РМ во оваа програма и сл. во Министерството за труд и социјална политика ги контактирав надлежните лица за оваа програма, поконкретно за областа Подобрување на условите на работа. Изненадувачки во краток рок (една недела) добив одговор дека во поглед на досегашното искуство на РМ за учество во ПРОГРЕС програмата, согласно евиденцијата на Министерството нема никакви активности (проекти) кои се имплементирани.

Ако го разгледаме Извештајот за напредокот на РМ од 2008 година во областа за Социјалната политика и вработувањето, конкретно за здравјето и безбедноста при работа, може да забележиме дека констатиран е недоволен административен капацитет и висок број на повреди и смрт на работните места.

Надевајќи се на подобрување во Извештајот за напредокот на РМ од 2009 година , наидуваме на непроменета ситуација односно низа забелешки кои ни укажуваат дека Законот за здравје и безбедност на работа не се применува целосно, Националниот совет сеуште не е воспоставен согласно законот, Инспекторатот за труд нема доволен административен капацитет за да го спроведува законот, бројот на инспектори е сеуште низок, а просториите неадекватни, нема хармонизирани критериуми и методи за евидентирање на повреди на работното место.

Македонија е ризична земја во однос на безбедноста и заштитата при работа. Законодавството на ЕУ е применето во нашите закони, но тоа не е доволно и потребно е да помине време. Безбедноста на работа и здравјето на работниците не е само формален пристап со кој треба да ја декларираме својата определба за унапредување на работната средина и благосостојбата на работниците. Напротив, тоа е економска категорија со која треба да се заштитат правата на работниците и воопшто на целата заедница. Целокупната заштита треба да се однесува на тоа дека оној што го создава ризикот, треба да ја преземе и одговорноста, но и да преземе мерки за минимизирање на факторите кои го предизвикуваат.