Со грчката блокада на поканата на Македонија за влез во НАТО во 2008 година, конфликтот за името меѓу Македонија и Грција ја достигна својата кулминација и се уште трае. Јаболкото на раздорот опстојува речиси две децении и не ги засега само двете држави вклучени во спорот, туку и соседните држави, балканскиот регион и Европската унија во целина.

Конкретен резултат изостанува и покрај постојаните преговори, а доколку спорот не се реши во скоро време интегративниот процес на Македонија лесно може да се одложи за неодредено време, со што Балканот дополнително ќе се дестабилизира.

Опстојувањето на Грција во нејзините каприци во поглед на името пред Македонија претставува навидум непремостлива пречка и со тоа го спречува нејзиниот напредок и развој. Македонија се наоѓа меѓу чеканот и наковалната, а во отсуство на одлучни чекори во насока на решавање на спорот со Грција лесно може да ја изгуби можноста да добие покана за почеток на пристапните преговори со Европската унија.

Се додека Европската унија безполезно чека државите да постигнат компромис, таа го губи сопствениот улед бидејќи во очите на многумина не е способна да ја убеди својата членка во важноста на решавањето на спорот. Парадоксален е фактот дека Солунската декларација, која уште во 2003 година ја потврди иднината во Европската унија на државите од Западен Балкан, сега е блокирана токму од однесувањето на Грција. Затоа државите од Западен Балкан се движат со микро чекори кон постигнување на таа цел, додека Македонија нема направено исчекор напред веќе пет години.

Малку е иронично тоа што Грција во принцип не е против пристапувањето на државите од Западен Балкан во ЕУ и што во исто време тврди дека сака да го види својот сосед во Унијата, но под друго име. Членството на Македонија во ЕУ на Грција ќе ѝ донесе многу предности, како на политички така и на економски план. Само доколку ја поддржи Македонија во нејзините напори за членство, Грција ќе може да ја изгради својата политичка и економска улога на Балканот, во спротивно ќе остане самоизолирана. Но и покрај тоа, Грција продолжува со блокирањето со цел да најде начин за да ја натера Македонија да го смени името кое е спорно за Грција.

Македонија е подготвена за почнување на пристапните преговори, нејзините жители јасно ја поддржуваат таа цел, иако е очигледно дека државниот врв не е одлучен да го мине Рубикон и да постигне компромис со Грција. Навистина, ситуацијата не е ни малку лесна. Уште пред отпочнувањето на пристапните преговори, Македонија се соочува со предизвикот за одбрана на сопствениот идентитет.

Притоа ЕУ опстојува на својата политика на – повеќе или помалку – пасивно чекање резултати. Решението на спорот им го препушти на Атина и на Скопје. Иако помирувањето, стабилизацијата и приклучувањето на регионот на Западен Балкан е од стратегиски интерес за ЕУ, таа не врши јасен притисок за решавање на спорот и за отворање на преговорите со Македонија. Неможноста за решавање на спорот и привидната апатија на ЕУ не ја прикажуваат Унијата во добро светло, бидејќи таа своите стратешки интереси мора да ги стави пред билатералните спорови. На крај, сега е моментот Унијата да изврши притисок со целата сила за конечно да почне преговори со сите заинтересирани држави од Западен Балкан.

Иако решавањето на спорот меѓу Македонија и Грција беше еден од приоритетите на Шпанското претседателство со ЕУ, очигледно е дека на тој план не се направија чекори вредни да се споменат. Македонија не се најде на дневниот ред на последниот состанок на Министрите за надворешни работи одржан во Луксембург во јуни 2010 година, а тоа прашање го отвори само словенечкиот министер за надворешни работи при што ја истакна потребата за отпочнување на преговорите за пристапување на Македонија во ЕУ.

Во Европскиот парламент поддршката за отворање на преговорите со Македонија ја искажавме и преку писмо испратено до министрите за надворешни работи на државите од ЕУ и високата претставничка на ЕУ, Ештон. Во писмото, ние – група на десет пратеници од осум држави и четири пратенички групи – упативме апел до државите-членки на Македонија да ѝ се даде датум за почеток на преговорите. Со тоа сакавме да нагласиме дека државите мораат да постигнат заемен договор и дека таа цел мора јасно да ја искажат сите држави-членки. Сакаме ЕУ да даде јасен сигнал дека таа цел е неизбежна и нужна и оди во прилог на одржување на стабилноста и напредокот на државите од Западен Балкан.

Во моментов сè уште се наоѓаме на мртва точка, па затоа не смееме така лесно да ја прифатиме блокада на Грција. Особено не во време кога евроинтеграцискиот процес на државите од Западен Балкан е во застој. Сè повеќе се размислува за влез во ЕУ на државите од Западен Балкан во „пакет“, што би се случил некогаш во иднина. Македонија очигледно ја загуби својата временска предност поради недоразбирањето со соседот. Само со одлучни чекори Македонија ќе може да исчекори напред и со тоа да демонстрира политичка зрелост во донесувањето одлуки.

Крајно време е спорот да се реши. Доколку во краток период не се постигне договор, многу веројатно е дека спорот ќе се провлекува уште многу години. Европската унија не смее да го дозволи тоа, но и Македонија не смее да го дозволи тоа. Во исто време, јасно е дека доколку Грција сака да има сериозна улога во регионот, таа мора да се согласи на компромис прифатлив за Македонија.

ЕУ мора да ја сфати додадената вредност на целиот регион на Западен Балкан, вклучувајќи ја Македонија, и оттука мора да истрае во изнаоѓањето решенија за отворените прашања, да ги почне преговорите и потоа да ги прими новите членки. Секое одложување на датумите за во иднина ја загрозува стабилноста на Западен Балкан. Ветувањето за евроинтеграцијата е она што во моментов го обединува регионот и она што поттикнува здрава конкуренција. ЕУ не смее да го изгуби овој политички момент и затоа треба да покаже јасна волја за интеграција и да му даде нов дух на пристапувањето на државите, како и да поттикне солидарност и несебичност кај своите членки. Солидарноста функционира само кога е обострана и доколку е врзана за одговорност; тоа важи и за Македонија и за Грција.

Зоран Талер

Пратеник во Европскиот парламент и Известувач за РМ

Текстот на словенечки јазик е објавен на веб-страната http://www.eurovizija.si/kolumne/a/makedonija_grcija_nesojena_dvojcka/571