Знаете како од најмлада возраст вашите родители мудро ве советувале да се дружите со добрите деца, со оние кои имаат одличен успех во училиште, најголема шанса да успеат и да напредуваат. Со други зборови оние кои може позитивно да влијаат на развојот на едно малолетно дете.
Ако метафорично ја споредуваме зрелоста на Република Македонија, не би можеле да кажеме дека е малолетно дете, но секако не ја надминува зрелоста на збунет пубертетлија, за кој пресудно значење има кого знае, во кои кругови се врти за понатаму да си го трасира патот низ животот. Трудејќи се да најдам таков позитивен пример во Европската Унија, непоимливо е да не се спомене искуството на Република Словачка. Бидејќи кај нас економската криза е изговор за секој неуспех, за секое неисполнето ветување од надлежните навистина вреди да се спомене патот на Словачка до Европската Унија.
Зошто?
Од проста причина што во време на криза, токму Република Словачка е земјата која бележи најголем економски раст помеѓу земјите членки на Европската Унија. Растот на економијата на Словачка, во овие тешки времиња во првото тромесечје на 2010 изнесува 4.8 % на годишно ниво.
Република Словачка се стекна со независност на 1 Јануари 1993, две години по нашата Република Македонија. Kако последица на домашниот политички развој управуван од третата влада на Мечијар (1994-98) Словачка беше маргинализирана од процесот на интеграција во ЕУ. Угледот на Словачка на полето на регионални и меѓународни односи беше прилично влошен, а словачката Влада и самиот Премиер претставуваа пречка на патот до Брисел.
Карактеристично за тогашниот домашен политички развој  беше демократскиот дефицит, а за надворешната политичка ориентираност – нетранспарентноста.Во јули 1997 година Европската комисија препорача да започнат преговори за членство со Унгарија, Полска и Република Чешка, Словенија, Кипар и Естонија, но не и со Словачка бидејќи таа сеуште не го исполнуваше политичкиот критериум.
Дополнителни причини беа нестабилноста на државните институции и недостатоците во функционирањето на демократијата- потребата од слободни и фер избори, вклучување на политичката опозиција во процесот на донесување одлуки и донесување на закони во корист на малцинските јазици.
Во овој период несомнен е консензусот меѓу политичките партии за евроинтегративните процеси, но преовладува колебањето. Сите политичари во Словачка во тој период се на ставот: ДА за ЕУ, НО… Со парламентарните избори во 1998 година беше отстранета владата на Мечијар и избрана широка коалиција предводена од Премиерот Министер Микулаш Џуринда која ја насочи политиката на Словачка во правец кон достигнување на развојот на нејзините соседи и се потрдуди да го тргне тоа `НО` од играта.
Сепак впечатокот за Словачка како држава, а посебно како економија на патот кон евроинтеграцијата од секогаш бил ист- тоа е земја која ветува многу. На самитот во Хелсинки во декември 1999, односите помеѓу Словачка и ЕУ достигнаа ново ниво. Во февруари истата година, Словачка  ги започна преговорите за пристапување кон ЕУ и се покажа успешно на завршните поглавја од acquis communautaire. Во летото 2001, при крајот на шведското претседателство, Словачка веќе беше исполнила 20 поглавја, достигнување споредливо со достигнувањето на другите три “Вишеградски грофовии”( Република Чешка, Полска и Унгарија) кои пак процесот на преговори го започнаа две години претходно.
Среднорочното оценување покажа дека Словачка е во добра позиција да го заврши целиот процес на пристапување заедно со другите кандидати.  Во периодот 1998-2002 во Словачка се донесе уставен амандман кој со себе повлече спроведување на повеќе реформи на јавната администрација. Во 2002 Словачка продолжи со извонредна брзина во затварање на преговарачките поглавја.
Финалниот маратон започна со средбата на таканаречената Лакен –група за време на данското претседателство во октомври 2002. Агендата за оваа средба ги вклучи расправањата за најосетливите поглавја од acqui-то : Одредбите за финансии и буџет и дебатата за најважната тема-парите. Крајната спогодба за сите несогласувања и противречности се постигна на самитот во Копенхаген на кој 10 земји кандидати- меѓу кои Словачка- беа поканети за да се приклучат во Европската Унија во 2004.
И еве не, 6 години подоцна со информацијата дека Словачка има најголем раст во ЕУ. Соодветна реченица во однос на ЕУ и Словачка е дека можеби ученикот, го надмина учителот.  Кога Словачка ги чекореше првите чекори кон ЕУ, од страна на политичарите прашањето во однос на Унијата беше извртено слично како она, што по мене се поставува сега кај нас: Не дали ние сакаме да станеме дел од Европската Унија, туку дали Европската Унија сака ние да станеме дел од истата. И додека ние се прашуваме  дали некој сака да не дружи, времето си минува.
Од патот на Словачка можеме да видиме некои политички ситуации, ликови и проблеми, кои како déjà vu се пресликуваат во македонското евроинтегративно секојдневие.  Но оваа успешна приказна треба да претставува поттик и освестување каде сме сега, а каде би можеле да бидеме. Позитивните примери се тука, и само чекаат да почнеме да ги следиме.

Автори на текстот се Љупка Новеска и Анастазија Младеновска