Инкорпорирање на европските стандарди во националното законодавство не значи само донесување на закони со “европски знаменца”. Инкорпорирање на европските стандарди многу повеќе значи заживување и практикување на принципите за кои тие закони се донесени.

Без намера да ја анализирам детално состојбата за правата на жените во нашата држава, како пример за судбината на донесените “европски” закони, го издвојувам Законот за еднакви можности, донесен како платформа за постигнување родова еднаквост.

Родовата еднаквост е основно право и темелна вредност во Европската Унија, загарантирана со основачките договори и голем број директиви и уште еднаш јасно потенцирана во Лисабонскиот Договор (член 1а, член 2).

Како дел од европското acquis communаutaire, пружањето еднакви можности за мажите и жените е еден од Копенхагенските критериуми кои земјата мора да ги исполнува за да стане членка на Унијата.

Закон за еднакви можности во Република Македонија е донесен уште во 2006 година. Но, оттогаш наваму, во сите извештаи на Европската Комисија за напредокот на РМ, вклучувајќи го и последниот за 2009 година не се забележува напредок во имплементација на истиот. Посебно последниот извештај (2009) забележува: некохерентен Национален план за родова еднаквост, недоволен капацитет на Секторот за еднакви можности; недоволен капацитет за промоција на правата на жените во руралните предели; недоволна поддршка на иницијативите за борба против дискриминаторските обичаи и стереотипи;  учество на жената во донесување одлуки на национално и локално ниво; ниско учество на жената во работната сила.

Имаме 41 жена пратенички во Собранието на РМ, но затоа пак само 2 жени министри во извршната власт.

Ако се симнеме на локално ниво, ситуацијата е уште полоша. На последните локални избори во 2009 година, на градоначалничките листи од вкупно 764 кандидати, само 13 беа жени, а пак од тие 13, НИЕДНА не стана градоначалник.

Уште поинтересно е што тоа не е случај со советничките листи. Во Изборниот законик член 64 содржи концизна одредба која пропишува дека на секои три места, едно место му припаѓа на помалку застапениот пол. Во ред, родовите квоти се почитуваат онаму каде што се стриктно нагласени (затоа што мора да се почитуваат), но онаму каде што ги нема, нема ни свест дека тоа треба да се направи самоиницијативно. После локалните избори,  закон за внесување на родови квоти и за градоначалничките места беше предложен, но не и прифатен во Собранието. Очигледно е дека не сме расположени работите да ги движиме напред.

Што е уште поалармантно, голема дискриминација на жените при вработување сеуште постои и покрај стриктните законски одредби. Лежерно е и необјасниво однесувањето на работодавците кои ниту се свесни, ниту пак имаат страв од законот кој забранува дискриминација при вработувањето на било која основа, во овој случај по основа на пол, брачен или семеен статус. Според истражување на Македонскиот центар за истражување и креирање Политики дури  87,7% од 600 испитанички одбиле да одговорат на прашањето: “Дали ве одбиле за работа поради Вашите планови да основате семејство или да се омажите?”  Само 7.3% признале дека тоа им се случило, а 9,0% одговориле дека не биле доведени во таква ситуација.

За дискриминацијата сеуште се молчи. Јасно е дека дискриминираните жени ниту имаат средства, ниту доверба во правосудните органи и институциите за да ги бараат правата кои законски им следуваат.

Така, според годишниот извештај на Народниот правобранител за 2009 година од 20 поднесени претставки по основ дискриминација, само една се однесувала на дискриминација по основа на пол.

Истото се случува со Комисиите за еднакви можности формирани во состав на општините. Институционална структура постои, но не и свест за достапноста на истата.

Тоа мора да се промени доколку навистина ги сакаме европските вредности дома. Не ни требаат европски закони со кои ќе се фалиме ако немаме упорност и доследност за нивна целосна имплементација. Се додека не сфатиме дека освен што тие се критериуми за членство, многу повеќе се нешто што го унапредува и демократизира нашето општество и секојдневно живеење, нема да можеме да бидеме “европска земја”. Како ќе бидеме дел од европското семејство, ако не ги цениме и чувствуваме за свои заедничките европски вредности?