Неодамна бевме сведоци на историски референдум во нашиот регион кој се однесуваше на територијалниот спор меѓу Хрватска и Словенија за морската граница долга дваесетина километри  во заливот кој на словенечки се нарекува Пирански Залив, а на хрватски Савудријска Увала.  На референдумот одржан на 06.06.2010 околу 51 % Словенци позитивно се изјаснија на прашањето “Дали сте за тоа законот за ратификација на арбитражниот договор на Владата на Република Словенија и Владата на Република Хрватска, кој беше ратификуван од словенечкиот парламент на седницата на 19 април да стане важечки?” Иако опозицијата го оцени како нелигитимен поради тесната разлика од  само два проценти, сепак тоа беше доволно за чекор кон окончување на дводеценискиот спор меѓу овие соседски републики, надминување на тензиите и фрустрациите и прекин на блокадата на хрватските евроинтегративни процеси.  Одлуката на хрватските и словенечките политичари  да го изнесат решавањето на спорот  пред арбитража кој истите долго време беа немоќни да го решат,  а впрочем да го консултираат и демосот на референдум, како облик на непосредна демократија, се покажа како мудра одлука.

Очигледно е дека Словенците го избраа еден од алтернативните начини за решавање спорови кој до сега се покажал како доста успешен. Такви примери со арбитражна завршница се споровите помеѓу Барбадос и Република Тринидад и Тобаго, Гвајана и Суринам, ад-хок арбитражата помеѓу Канада и Франција, Норвешка и Шведска, Гвинеја и Гвинеја Бисау, ад-хок арбитражата меѓу Аргентина и Чиле.

Исходот од референдумот експресно одекна во Брисел и беше поздравен од Претседателот на Европската Комисија Жозе Мануел Барозо кој пред се истакна дека ”решавањето на ова билатерално прашање претставува важен сигнал за регионот и односите меѓу Хрватска и Словенија”.

Она што ме тера да се запрашам е како нашите власти го толкуваат овој сигнал? Иако не пропуштаат да се пофалат дека  имаме решени граници со нашите соседи и да се оправдаат дека македонско-грчкиот спор е од поинаква природа, сепак народот не  може да не забележи дека нашите евроинтегративни процеси  се парализирани. Преговорите под покровителство на Обединетите Нации кои го вклучуваат медијаторот Метју Нимиц како неутрална странка не вродија со плод па Македонија и во текот на шпанското претседавање не доби датум за преговори.

За време на посетата на европратеникот и известувач за нашата земја Зоран Талер пред оддржувањето  на референдумот посочи на две иницијативи за надминување на билатералните спорови, односно земјите- кандидати и земјите-членки, кои имаат спор, да се обврзат да го  решат во одреден рок, а ако не се случи тоа автоматски да се оди на арбитража а втората е онаа на центрите за анализа (тинк-тенк) блиски до Европската комисија, кои бараат во преговорите да се вметне ново поглавје за регионална соработка, кое би можело да се затвори само доколку има решение за споровите.

Факт е дека доколку сакаме спорот да се реши во координатите на меѓународното право се стеснува времето и маневарскиот простор. Во интервју за хрватски дневен весник министерот за надворешни работи Милошовски изјавува:

“Иако хрватско-словенечкиот спор е од сосема поинаква природа од грчко-македонскиот, начинот на неговото решавање за нас претставува посакуван модел. Се работи за демонстрација на зрелост и далековидост, која докажува дека нема подобра опција од дијалогот. Заправо, тоа им недостасува на Грција и на Македонија, бидејќи  во изминатите 18 години немаше билатерална средба на грчкиот и македонскиот претседател.”

Во истото интервју изјавува дека нам ни е прифатливо секое решавање на спорот врз основа на аргументи и дека не се плашиме од поголем ангажман на ЕУ и Европската Комисија или друга релевантна меѓународна институција .

Декларативна волја за пред камери има ама очигледно проактивниот став во преговорите изостанува!

„Македонија повеќе губи од Грција, која е членка на ЕУ. Не треба да се седи дома и да се чека времето нешто да донесе, туку да се биде проактивен. Двете страни бараат да не се излегува надвор од процесот во Обединетите нации. Повеќе ми е логично тоа да се слуша од Атина, затоа што грчката страна не сака јавно да се расправа што сé отфрлија во преговорите. Но по малку ми е логично Скопје да не сака да се открие што сé е отфрлено“

… изјави Талер на прес-конференцијата во земјава, што предизвикува дилеми за какви цели и со каква транспарентност работи “Скопје”!

Дали петчлена арбитража што ја предложи Оли Рен во хрватско -словенечкиот спор во нашиот случај би можела да има дејство на еурека  и дали во текот на белгиското претседавање ќе го добиеме нашето место под европското сонце или ќе се задоволиме со античкото и ќе чекаме Александар Македонски да го реши Гордиевиот јазол овојпат на Балканот, останува да видиме.