На 15-ти јуни на официјалниот интернет портал на владеачката партија ВМРО – ДПМНЕ беше објавено соопштение со кое од таа партија ја информираат јавноста за „непрофесионално, небалансирано, еднострано и некоректно“ работење на националната телевизија А1.

Во понатамошниот дел од соопштението се повикуваат сопственикот и самата телевизија на професионализам, посочувајќи ја корелацијата со СДСМ како причина за нивната лоша работа. Повикани се и граѓаните да ги прифаќаат информациите од А1 телевизија со резерва.

Ние, тимот на eu.kauza.mk го сфаќаме ова соопштение како удар врз слободата на изразување и мислење, со што се уриваат темелите на демократското општество. Со поделбата на шпиони и предавници, со префрлањето на подобни и неподобни медиуми, не правите ништо добро, само додавате уште повеќе тули на вашата тоталитаристичка кула.

Би ја запрашале партијата ВМРО – ДПМНЕ и нејзиниот лидер, Никола Груевски, кои се објективните медиуми во државата? Дали објективни се оние медиуми кои ви ги поставуваат прашањата за кои однапред се спремни одговорите во партискиот штаб или оние медиуми каде Груевски има експлузивитет како гостин?

Дали неговиот „домашен пријател“ уредникот на дневниот весник „Вечер“ и уредникот на вестите на телевизија Сител има намера да го смени својот начин на пренесување на информации и дали планира да ја смени реториката кон оние што размислуваат различно од него и Груевски?

Сакаме да дознаеме до кога емисијата „Бумбар“ на Сител телевизија, ќе го фабрикува јавното мислење со своите „неуверливи“ гледачи и како водителката Тања Атанасовска ги познава сите кои ќе се јават. До кога ќе им ја спуштате слушалката на сите оние кои слободно ќе го кажат ставот кој не е на вашата френкфенција?

Не интересира дали ќе го поддржите тоа што го зборевте во вашата изборна кампања, па ќе се борите со криминалот и корупцијата со што ќе ги истражите сите матни зделки кои циркулираат низ јавноста за новинарот и водителот од Канал 5 телевизија, Миленко Неделковски?

Истовремено би поставиле една дилема, дали телевизиите чии сопственици се пратеници во Собранието на РМ и коалициони партнери на ВМРО – ДПМНЕ не се политички поврзани и се целосно објективни во нивното известување и коментирање. Дали се осмелувате ним да им укажете кога ќе бидат премногу провладини. Или можеби тоа е вашето мерило за објективност на медиумите?

Примери и прашања имаме уште многу, а бидејќи вие работите 24/7 се надеваме дека нема да ви одземеме многу време само овие да ги одговорите.

Груевски на прославата на 20-годишнината од основањето на партијата, во близина на руинираниот и раскопан скопски плоштад, изјави: „ВМРО – ДПМНЕ дваесет години ги прави сите значајни и крупни реформи во Македонија.“
Господине Премиер, ова што во моментот го правите не се реформи за кои треба да се фалите, ова се реформи за кои треба да се срамите.

Во високо развиените демократски општества за соопштение насочено против слободата на изразување и демократските вредности,  владеачките партии се повлекуваат од власт. Ние бараме само да им се извините на граѓаните на Македонија за овој недемократски чин, да им се извините на сопственикот и вработените во А1 телевизија поради ваквите етикетирања.

Како за крај, би ве замолиле да престанете да користите диктаториски техники во вашето управување на државата и манипулација на народот.

Сакаме да ги поддржиме и охрабриме СИТЕ слободни новинари и Здружението на новинари на Македонија да се борат против ваквиот говор на омраза кои се почесто може да се најде во македонискиот медиумски простор. А владеачките партии во демократско општество немаат право да прават ексклузивни списоци на објективни и необјективни медиуми, ниту да им доставуваат на граѓаните упатство за слушање и читање на вестите.