Почитувани пријатели,

Најпрво би сакале да им изразиме голема благодарност на оние кои дадоа поддршка на нашата иницијатива и да Ве известиме за исходот од нашите напори пред, за време и по Самитот ЕУ – Западен Балкан во Сараево на 2 јуни 2010 година.

Поддршка за писмото добивме од 63 граѓански организации од Македонија. Вкупниот број на организации од целиот регион е околу 500 што претставува солидна бројка со оглед на тоа дека времето навистина не беше на наша страна.

Дали е бројката доволна, судете сами, но останува фактот дека е тешко да се најде друга регионална иницијатива која кон себе приклучила гласови на толкав број на граѓански организации од регионот, кој во принцип е поделен по многу прашања.Поддршката од граѓанските организации сеуште пристигнува.

Исто така, би сакале да Ве информираме за тоа што се случи во Сараево како резултат на ангажманот на повеќе фактори од граѓанското општество од ЕУ и од Западниот Балкан. На 1 јуни, во 11 часот се одржа заедничка конференција за медиуми на која присуствуваа по двајца претставници на граѓанските организации од секоја од државите од Западен Балкан (вкупно 12-мина).

На прес конференцијата имаше претставници од огромен број на медиуми – локални, национални и федерални – а бидејки се одржуваше министерската средба, имаше и странски медиуми (Reuters, France Press, Libertas). Од медиумите од Македонија, за жал, немаше никој, иако имаше медиуми кои беа присутни во Сараево. На пример, претставниците на граѓанскиот сектор од РМ патуваа со екипата на ТВ Сител и таа беше сместена во истиот хотел каде што се одржуваше прес конференцијата, но очигледно интересот за иницијативата на граганите од регионот не беше доволно голем за да дојдат на нашиот прес.

Покрај изјавите дадени за време на прес конференцијата НВО претставниците дадоа повеќе изјави за најразлични медиуми. Истата вечер имаше прилози на следниве телевизии – ФТВ (Федерална ТВ), ТВ СА (Сараевска ТВ), ТВ Хајат и на државната ТВ БХТ. Исто така на БХТ во емисијата „Тема на денот“ имаше дебата (40 мин.) за нашата иницијатива на која учествуваа претставници од Македонија (Фани Каранфилова Пановска), Србија, Црна Гора и од Босна и Херцеговина.

Писмото со обраќањето беше испратено и до сите амбасади на државите-членки на ЕУ во регионот, до сите делегации на Европската комисија во регионот, до Европската комисија во Брисел и до претседателот на Европскиот парламент, до претседателот на ЕУ, а се прогриживме писмото да стаса лично и кај шпанскиот министер за надворешни работи (моментален претседавач со ЕУ) Моратинос, словачкиот министер за надворешни работи Лајчак, комесарот на ЕК за проширување Филе и Високата претставничка за надворешна политика и безбедност Ештон.

Г-динот Зоран Талер, пратеник во Европскиот парламент се погрижи да го дистрибуира писмото до сите пратеници на Европскиот парламент и за тоа сме му многу благодарни. Од повеке извори знаеме дека граѓанскиот сектор бил споменат и пофален на министерскиот состанок.

Напорите на граѓанскиот сектор да не дозволи Западниот Балкан (а со тоа и Република Македонија) да се симне од агендата на ЕУ на подолг рок не запреа тука. За таа цел, а по повод неформалниот министерски самит ЕУ – Западен Балкан, тројца иницијатори од Европскиот Совет за надворешни односи, Институтот отворено општество – Брисел и Иницијативата за европска стабилност изготвија бриф за јавна политика со наслов во оригинал “Beyond Wait-And-See: The Way Forward for EU Balkan Policy- Heather Grabe, Gerald Knaus and Daniel Korski”.

Во тој бриф од страна на авторите се наведени два ризици кои стојат на патот на ЕУ интеграцијата за Западен Балкан. Едниот е дека присоединувањето на слаби држави со бројни нерешени проблеми може да и наштети на ЕУ. Од друга страна, вториот ризик е дека одложувањето на приемот на недефиниран рок ќе го поткопа целокупниот постигнат напредок на полето на мирот и стабилноста во регионот.

Имајќи ги предвид овие ризици, аналитичарите бараат да не се држат државите од Западен Балкан во неизвесно исчекување кое носи со себе ризик иако е тешко да се заинтересираат лидерите на ЕУ за овој регион. Исто така, тие предлагаат потполно и ефективно користење на моментално расположливите ЕУ инструменти во градењето на односите со Западниот Балкан и јасно определување на следните чекори кон прием. На овој начин се поддржуваат реформаторите во регионот без дополнителни штети за ЕУ.

Со јасните чекори на патот кон присоединување се создава еден правичен и ригорозен процес кој ќе ги охрабри државите од Западен Балкан да ги препознаат своите недостатоци и да креираат план за нивно надминување. На тој начин ќе се исполни ветувањето што ЕУ го даде во Солун во 2003 година, ќе се надогради успехот на ЕУ во регионот од последната декада и ќе се избегне назадување и враќање кон опасното минато.

Изјава на претседавачот на Состанокот на високо ниво за Западниот Балкан која произлегува од Самитот во Сараево укажува на јасен начин дека членството на државите од Западен Балкан во ЕУ е заедничка цел и дека Западниот Балкан, јасно всидрен во процесот на проширување на ЕУ, мора да ги интензивира напорите за исполнување на неопходните критериуми и договорените услови на патот кон ЕУ членството и сите држави да бидат ценети според нивните заслуги.Како процеси на кои особено се обрнува внимание во изјавата се: соочување со предизвиците за владеење на правото, административни и судски реформи, броба против корупцијата и организираниот криминал, процесот на помирување, добрососедски односи и европски дух во решавањето на меѓусебните билатерални спорови. Притоа, особено се потенцира улогата на НВО секторот кој треба да работи во насока на помирување преку воспоставување на регионална Комисија за изнаоѓање и соопштување на вистината.

Како заклучоци од целиот овој процес можеме да ги изведеме констатациите дека ЕУ мора да обезбеди јасни и прецизни патокази за тоа како секоја од земјите на Западен Балкан треба да се движи, со цел процесот на пристапување да биде нешто што е видливо и дофатливо за државите од регионот, дека оваа иницијатива претставува чекор напред кога станува збор за граѓанскиот сектор и своевиден сигнал дека граѓаните на овие држави сакаат да ги видат своите држави во ЕУ, дека ЕУ се уште не се откажала од Западен Балкан, а тоа најдобро се гледа во Стратегијата за развој до 2020 година и дека постои загриженост за очигледната незаинтересираност на власта во РМ кога станува збор за евроинтеграциите што е воочливо од незаинтересираноста за наоѓање компромис со Грција, застојот во реформите, како и од целокупното дејствување во надворешната политика.